Му недостига уште европската клупска титула во ЛШ: Бранко Манев

Во Хрватска има многу повеќе екипи и лиги, клубовите се финансиски појаки, федерацијата има голема поддршка од државата, организациски се подобро поставени, а и куглањето како спорт е попопуларно отколку во Македонија, вели истакнатиот куглар Бранко Манев

ИНТЕРВЈУ: БРАНКО МАНЕВ, ОСВОЈУВАЧ НА СВЕТСКИ, ЕВРОПСКИ И НБЦ-КУГЛАРСКИ КУП ВО ЕКИПНА КОНКУРЕНЦИЈА

Куглите почнува да ги тркала уште како дете на седум-осумгодишна возраст, а главни виновници за тоа биле неговата мајка и неговиот татко, истакнатиот македонски куглар Тодор Манев. Досега ги бранел боите на скопски Макпетрол и хрватските клубови Осиек и Запрешиќ. На клупски план има освоено многу први места во хрватската и во македоноската лига, а на меѓународен план најзначајните три меѓународни клупски купа, Светскиот (со КК Осиек) и Европскиот куп (лани), како и Купот на НБЦ (годинава) и двата со КК Запрешиќ. Во 2010 година во Риека станува јуниорски светски првак, а бил и кадетски светски шампион во дисциплината спринт, како и носител на бронзен медал во комбинации на СП за сениори, бранејќи ги боите на Македонија, а еднаш и сениорски вицепрвак на Македонија, поради раното заминување од Македонија. Од 2015 година македонскиот куглар Бранко Манев (28) ги брани боите на хрватската репрезентација. Неговиот личен рекорд изнесува 705 соборени кегли, 29 помалку од актуелниот светски рекорд во сопственост на Унгарецот, Тамаш Кис.

Што претставува за вас освојувањето на овие три вредни европски трофеи?
– Освојувањето на трите различни купа секако дека преставува огромен успех во мојата спортска кариера, но истовремено и уште поголемо искуство на патот кон уште многу вакви трофеи.

А, кој е патот за да се стигне до овој огромен успех?
– Тој е многу тежок, бидејќи овие титули бараат многу фрлени кугли, многу пот, мотивација, настап во силни клубови и лиги за да се учествува во сите три купа и, на крајот, сето тоа да се вклопи и резултатски.

Дали и колку сте денес познат во хрватското куглање?
– Па, може да се каже дека сум познат, а за тоа говори и фактот што веќе осум години играм во Хрватска, а од тие осум сезони, во четири сум бил и играч на лигата, односно сум имал најдобар просек во текот на целата натпреварувачка сезона. Ме забележуваат, но не само во Запрешиќ и во Скопје, туку насекаде каде што настапувам во кугларскиот свет.

Зошто се одлучивте за интернационален клуб?
– Заради посилна лига и поквалитетни натпревари, кои многу се потребни за постигнувње добри резултати, а со самото тоа се зголемува и потребното играчко искуство.

Во што се разликува македонското од хрватското куглање и што треба да се направи кај нас за да се постигнуваат, на организациски и на натпреварувачки план, нови добри резултати?
– Многу се разликува. Како прво, во Хрватска има многу повеќе екипи и лиги, клубовите се финансиски појаки, федерацијата има голема поддршка од државата, организациски се подобро поставени, а и куглањето како спорт е попопуларно отколку кај нас. Во Македонија прво треба кугларската федерацијата внатре да биде добро организирана и да функционира, да има посилна лига, младите да се привлечат кон куглањето и слично, со што нема да изостанат добрите резултати.

Има ли шанси македонската репрезентација да освои во скоро време поединечен или екипен медал од СП со овој сегашен квалитет на играчи?
– Да, Македонија има големи шанси да освои медал на СП, но повеќе би рекол на поединечен отколку на екипен план.

До кога останувате да играте во и за Хрватска?
– Моментно сум во Запрешиќ, имам договор до крајот на оваа сезона, а настапувам и за хрватската репрезентација веќе три години, така што до кога и каде понатаму, ќе размислам. Во Македонија, пак, тешко дека брзо ќе се вратам, но има време и за таму.

Твоја следна цел и животна желба во куглањето?
– Следна цел ми е да триумфираме на фајналфорот во Лигата на шампионите (ЛШ), кој ќе се одржи токму кај нас во Запрешиќ, следната година. Ми недостига уште таа европска клупска титула, па сѐ да биде комлетирано. А животна желба, пак, да станам поединечен сениорски светски првак.


Советите на таткото Тодор

Со мојот татко многу често се слушаме телефонски и речиси секогаш зборувме за куглањето. Тој ги гледа моите натпревари преку Интернет и потоа зеднички ги коментираме направените грешки, но и добрите страни – со насмевка вели Манев.