Тируне од Етиопија победник на „Скопскиот маратон“, Поп Арсова со нов македонски рекорд

Етиопиецот Чалачев Асмамав Тируне е победник на „Скопскиот маратон“, кој делницата од 42 километри ја истрча со време од 2:15,37 часа. Втор во генералниот пласман беше Вилфред Кипчирчир Корир од Кенија со време 2:16,54 часа, додека трет заврши Гетаје Фисеха Гелав, исто така од Етиопија.

Најдобро пласиран Македонец на „Скопскиот маратон“ беше Александар Кираџиев, кој заврши на шестото место во вкупниот пласман, но оствари и нов личен рекорд и стана државен првак во маратон на Македонија со време од 2:37,41 часа. За Кираџиев, ова е петта победа по ред на маратонот во конкуренција кај Македонците.

Во женската конкуренција, првите три места ги освоија натпреварувачките од Кенија. Прва низ целта мина Еунис Нјавира Мучири со време од 2:33,38 часа, второто место го освои Тануи, а третото Лимамуреи, кои заостануваа 2 односно 5 минути зад победничката.

Третопласираната на „Скопскиот маратон“ Лимамуреи од Кенија/Фото: Горан Анастасовски

Најдобрата македонска маратонка Адријана Поп Арсова која беше седма во генералниот пласман, постави нов државен рекорд на „Скопскиот маратон“ на делницата од 42 километри со време од 2:52,52 часа. Маратонската трка се смета и како државен шампионат на Македонија, а Поп Арсова го подобри државниот рекорд кој изнесуваше 2:59,46 часа.

– Презадоволна сум од трката, лесно ја минав стазата и немав посериозни кризи, па може да се каже дека и го очекував овој резултат – посочи Поп Арсова.

На полумаратонската делница од 21 километар најдобар беше Дарио Ивановски со време од 1.12,31 часа. Л.Д.


„Нова Македонија“ повторно трчаше на маратонот

Редакцијата на дневниот весник „Нова Македонија“ успешно се претстави на „Скопскиот маратон“. Двете новинарки Антонија Поповска и Радмила Заревска, како и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски денес ја комплетираа полумаратонската делница од 21 километар.

Поповска четврти пат по ред настапи на маратонот, а Заревска третпат. Досега тие настапуваа на ревијалната трка на пет километри, но годинава решија првпат да трчаат полумаратон. Цветаноски, за кого ова ќе биде деветто учество во Скопје, исто така, настапи на полумаратонската трка.

Новинарката Радмила Заревска оствари време од 2 часа и 32 минути. Овој резултат го смета за нејзино најдобро постигнување досега, а особена чест и било што трчала со колегите во боите на „Нова Македонија“.

– Очекував да истрчам за три часа, но ме понесе натпреварувачкиот дух. Ова е мојот најголем подвиг. Им благодарам на сите што излегоа на улиците и ги бодреа натпреварувачите – вели Заревска.