Само тројца можат да се пофалат со пласман во првите 10 на следното ЕП по освојувањето на европската титула, а на ЕП во Скопје што почнува денеска петмина ќе имаат можност вторпат да станат континентални прваци

Никому од вкупно 19-те европски шаховски прваци на исто толку континентални шампионати не му успеало двапати да ја освои круната. Можеби на јубилејно 20-то Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, кое официјално почна синоќа со чинот на свеченото отворање, оваа традиција конечно ќе биде прекината. А таа шанса во Скопје ќе ја имаат само петмина велемајстори (ВМ), односно тие што ќе настапат од поранешните шампиони. Тоа се Хрватите Зденко Кожул (првак во 2006 година), Иван Шариќ (2018), Германецот Ливиу-Дитер Нисипеану (2005), Русинот Евгениј Томашевски (2009) и Украинецот Александар Моисенко (2013).

Од сите 19 шампиони, само тројца можат да се пофалат со пласман во првите 10 на следното ЕП по освојувањето на титулата. Така, Украинецот Василиј Иванчук и Русинот Максим Матлаков биле петтопласирани, а Русинот Евгениј Томашевски седми. Разочорувачки пласман, пак, по славеничката година забележале Русинот Владимир Поткин (128-то место иако без пораз), Кожул (93-то), Русинот Дмитри Јаковенко (74-то), Холанѓанецот Сергеј Тивијаков (63-то), како и првиот и третиот европски шампион, Русинот Павел Трегубов, односно Полјакот Бартоломеj Мачиеја (двајцата биле на 59-то место).

– Турнирот е многу силен и тешко е да се прогнозира што може да се случи. Јас сум подготвен да го дадам максимумот на шаховската табла за да постигнам успех. Би бил задоволен ако завршам меѓу првите 20 – вели македонскиот ВМ Кирил Георгиев, кој пред ЕП е рангиран на 74-то место.

На еден ден пред почетокот беа пријавени вкупно 365 учесници (144 ВМ) од 43 држави, од кои најмногу се Руси (48). Наградниот фонд изнесува 100.000 евра, од кои првопласираниот ќе биде побогат за 20.000 евра, вториот за 15.000, третиот за 10.000 итн. Македонија ќе ja презентираат 23 шахисти, од кои само двајца се ВМ, Кирил Георгиев и Александар Чоловиќ, како и една шахистка, Бојана Бејатовиќ. Првото од предвидените 11 кола (швајцарски систем) ќе почне денеска во 15 часот, а единствениот слободен ден е по петтото коло.


Лазов атакува на третата норма за интернационален мајстор

Се надевам дека на шаховското ЕП во Скопје ќе успеам да ја исполнам третата и последна норма за интернационален мајстор (ИМ), но и да го поправам играчкиот рејтинг, кој моментно ми создава поголем проблем отколку нормата. Не се сум во најдобра форма, но ќе дадам сѐ од себе да се покажам во најдобро светло. На неодамнешниот турнир во Солун завршив под очекуваното, но одиграв добра партија против силниот Шпанец Валејо Понс, што за мене е многу големо искуство, иако на крајот загубив поради недостиг од време за размислување, вели ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Тони Лазов, кој двата бала за ИМ ги освои на ЕП во Романија (2017), односно на СП за млади во Грција (2018). 

[email protected]