За ЛОИ 2004 се пријавија 11 кандидати, но за ЛОИ 2024 имаше само два. Во меѓувреме за 2008-та се натпреваруваа 10 града, за ЛОИ 2012 девет, за ЛОИ 2016 седум, а за ЛОИ 2020 пет, пишува во анализата на Би-би-си

Од Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2004 година паѓа интересот за домаќинство на најголемите спортски настани во светот, летните и зимските олимписки игри, пишува Би-би-си. Игрите долго време се сметаат за најголемо шоу на земјата. Тоа е повеќемилионски спектакл, на кој настапуваат најдобрите светски спортисти и привлекуваат големо медиумско покривање.
Но жителите на Калгари, гласаа против идејата Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2026 година да се одржат во тој канадски град.

Нивното отфрлање, мотивирано од стравувањата за високи трошоци и прашањата за економските придобивки, дојде откако три други градови се повлекоа претходно годинава, пишува Би-би-си. Ова е дел од поголем проблем за кој експертите велат дека може да ја загрози иднината на олимписките игри – сѐ помалку градови во светот сакаат да бидат домаќини. Така, за ЛОИ 2004 што се одржаа во Атина, се пријавија 11 кандидати, но за Игрите во 2024 година имаше само два. Во меѓувреме за ЛОИ 2008 се натпреваруваа 10 града, за ЛОИ 2012 девет, за ЛОИ 2016 седум, а за ЛОИ 2020 пет. Растечката загриженост за економските придобивки од одржувањето на ЛОИ и ЗОИ не се неразумни, велат експертите за Би-би-си.

– Општ тренд е дека трошоците се зголемуваат и владите се загрижени за трошење премногу пари. Тоа е буџет од неколку милијарди долари што ви треба за да бидете домаќин на Игрите, а тоа ги покрива само директните трошоци поврзани со спортот. Постојат и индиректни инфраструктурни трошоци, како што се подобрување на транспортните системи – вели професорот Бент Флајвбјерг, кој ги проучувал олимписки буџети низ децениите и вели дека секои Игри од 1960 година го надминале својот буџет.

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), кој го организира настанот, ја препознава грижата околу трошоците.
– Знаеме дека постојат грижи за трошоците за Игрите. Мислам дека треба да вложиме напори да ги ограничиме трошоците – изјави за Би-би-си извршниот директор за олимписки игри, Кристоф Дуби.

Тој вели дека во последниве години се воведоа голем број мерки за намалување на трошоците за организација на Игрите. Исто така ИОК сака да добие понуди од градовите, кои веќе имаат соодветна инфраструктура и спортски објекти. Ова се должи на зголемената загриженост за т.н. „бели слонови“, скапи објекти што пропаѓаат по завршувањето на Игрите.

– Ако градот нема стадион или арена пред да почнат Игрите, зошто тогаш би им биле потребни потоа? Причината зошто стадионот или арената не постоеле пред ЛОИ или ЗОИ е затоа што немало економски издржана причина да се направи инвестиција – вели професорот Ендрју Зимбалист, спортски економист.

Тој сугерира дека вистински пристап би бил градовите-кандидати да имаат спортска инфраструктура. Па, зошто тогаш би се кандидирал некој град без вистинска инфраструктура? Даниел Ритербанд, кој работел во маркетингот за ЛОИ 2012, тврди за Би-би-си дека Игрите можат, всушност, да имаат позитивно влијание врз помалку развиените градови.

– Мислам дека иднината е кај малите градови, од еден милион жители, каде што Игрите навистина може да имаат трансформативен ефект – рече Ритербанд, кој вели и дека јавната поддршка е „суштинска“.

Тој им дава и совет на градовите во врска со кандидирањето.

– Кандидатурата треба да биде дел од 20-годишен план за тоа како да ја придвижите економијата. Мора да има јасна корист за луѓето во поглед на работните места. Игрите се најголемиот момент на националната гордост што земјата може да го има – вели тој.
Но реалноста е дека нема понуди од помалите градови, колку и да се корисни Игрите. И што би требало ИОК да направи ако за некои Игри не дојде ниту една понуда?
– Рационално е да се има еден град што би бил постојан домаќин на ЛОИ и еден што би бил постојан домаќин на ЗОИ – вели Зимбалист.

Демпси, пак, вели дека „тоа би можело да има многу смисла, но уште би имало прашања за тоа кој ќе ги преземе Игрите на неодредено време“.

– Проблемот е што овие градови навистина не покажуваат интерес. Значи ИОК ќе мора да придонесе, па граѓаните да не треба да го преземат тој товар – вели професорот Доналд Денгел, кој го истражува долгорочното влијание на Игрите врз градовите-домаќини.