Шпанската тенисерка Габриње Мугуруза е елиминирана во 2-то коло на традиционалниот гранслем-турнир Вимблдон, што значи дека не ќе може да го брани освоениот трофеј од лани, откако загуби од Белгијката Алисон ван Ујтванк (рангирана на 47-то место во светот), со 1-2 во сетови, односно по еден час и 54 минути игра на зелениот лондонски терен.
Од Вимблдон, кој се смета за неофицијално Светско првенство (СП), веќе се збогуваа Каролина Вознијацки од Данска (рангирана на 2-то место во светот), како и Британката Џоана Конта. Кај дамите дури три од 10-те најдобри тенисерки во светот веќе ги завршија своите настапи. Тоа се Американката Слоан Стивенс (рангирана на 4-то место), Украинката Елина Свитолина (рангирана на 5-то место) и Петра Квитова од Чешка (рангирана на 8-то место), која досега двапати славеше на Вимблдон.

Ништо подобра не е ситуацијата и кај мажите. Ланскиот вицешампион, Хрватот Марин Чилиќ загуби во 2-то коло со 2-3 во сетови од 73-от тенисер во светот, Аргентинецот Гвидо Пеља. Изненадување претставува и поразот на годинашниот финалист на гранслем- турнирот Ролан Гарос, Доминик Тим. Австриецот уште во 1-то коло (поради болки во грбот), во вториот гем од третиот сет го предаде мечот против Кипранецот Маркос Багдатис, при водство на противникот од 2-0 во сетови (6-4 и 7-5) и 3-0 во гемови.
Изненадување, но негативно, приреди и Белгиецот Давид Гофан. Него во три сета (6-3, 6-3, 6-4) рутински го совлада Австралиецот Метју Ебден, како и поразот во четири сета (6-7, 6-7, 6-3, 3-6) на Шпанецот Фернандо Вердаско од Американецот Францес Тијафо.
По ваквиот почеток, сѐ почесто се поставува прашањето кој е следниот.