На автопатеките се враќа по пауза од една трка, поточно по излетувањето од патеката „Пол Рикар“ во Франција, на втората трка од „ТЦР-шампионатот“

Македонскиот автомобилист Игор Стефановски-Иџе, викендов пред себе ќе има нов предизвик, а тоа се двете трки од шампионатот „ТЦР-Европа“, кои ќе се возат на славната патека во Унгарија, Хунгароринг.
Стефановски на автопатеките се враќа по пауза од една трка, односно по излетувањето од патеката „Пол Рикар“ во Франција, на втората трка од „ТЦР-шампионатот“ што се одржа пред два месеца. Тогаш во обидот за претекнување на еден од конкурентите, Иџе ја изгуби контролата над својот автомобил, се излизга и удри во заштитната ограда, а автомобилот имаше сериозни оштетувања. На првата трка во Франција, Стефановски заврши на седмата позиција.

Во изминатиот период штетата на автомобилот беше санирана, а од тимот на Стефановски најавуваат дека тој е целосно подготвен за нов голем резултат.
На автодромот „Гробник“ во Хрватска, македонскиот шампион три дена имал успешни тест-возења на неговиот автомобил „хјундаи“, со кој одново ќе атакува на висока позиција во „ТЦР-шампионатот“.
Првата трка на познатата патека ќе се вози денеска во 13.40 часот, додека, пак, втората е закажана за утре во 11.50 часот. И двете трки во живо ќе бидат пренесувани на телевизијата 24. Со оглед што ова е најблиската патека до Македонија Стефановски со право очекува да има голема поддршка од своите поддржувачи.