Семејството Ѓоргиевски даде една позната спортска двојка од Битола – Петар (Пепи), фудбалер, и Стевче, атлетичар. Двајцата обележија еден убав период, прво на битолскиот, а потоа и на македонскиот спорт. Стевче двапати беше првак во крос во поранешната држава, а триумфира на две балканијади во крос во Крајова и на патека на 5.000 метри во Солун

Многумина беа изненадени кога разбраа дека познатиот фудбалер Петар Ѓоргиевски и атлетскиот првак и рекордер Стевче се браќа. Некои можеби и не поврзуваа дека, ете, познатата македонската спортска двојка од Битола е и братска двојка. Тие прво како млади спортисти почнаа да ја пронесуваат славата на битолскиот, а потоа и на македонскиот спорт. Разликата меѓу двајцата беше во тоа што едниот, Петар, стана познат фудбалер, бранејќи ги боите на Пелистер и на Вардар, а Стевче беше врвен aтлетичар, македонски рекордер, југословенски и балкански првак, инаку член на некогаш славната Олимпија.

Спортските патишта на двајцата браќа тргнаа на две различни страни, иако другарите на Пепи мислеа дека и Стевче ќе оди во фудбалот. Сепак, тој ја одбра кралицата на спортовите. Зошто дојде до ова, не е тешко да се претпостави. Битола во тој период имаше одлични атлетичари, а главна ведета беше Вера Велјановска.

– Верче беше многу популарна и цела Битола се гордееше со неа. Затоа, и кај мене се јави некоја желба да тргнам по нејзините патеки и еден ден и јас да станам како неа – рекордер и шампион. Ете, токму тоа ме натера уште од училишните денови во „Ѓорѓи Сугаре“ да почнам да учествувам на натпреварите. Првите трки покажаа дека сум го одбрал вистинскиот спорт. Почнав да победувам, а тоа беше сигнал за познатиот тренер Илија Чукалков, кој беше тренер и на Велјановска, еден ден да ме повика да одам во АК Олимпија и да почнам посериозно да се занимавам со атлетиката. Ја прифатив поканата и оттогаш атлетиката стана мое секојдневие – вели Ѓоргиевски.

ГОЛЕМ ИНАЕТ ЗА – РЕВАНШ

Стевче Ѓоргиевски почна да учествува на трките на патека, која најчесто се одржуваше на Градскиот стадион во Скопје. Многумина тренери беа изненадени од неговата прва појава на патеката и веднаш му прогнозираа убава иднина. Но кај Стевче во почетокот имаше и едно разочарување, кое подоцна се покажа дека всушност беше мотив за него.
– Во Скопје се одржа еден атлетски натпревар од пошироки размери, не само од републички карактер. Учествував во трката на 3.000 метри, во која главен фаворит беше репрезентативецот Стеван Вуловиќ. И навистина тој победи, но разочарувањето за мене беше големо, бидејќи заостанав зад него еден цел круг. Не можев да се помирам и си реков: на следната трка ќе видиш кој е Стевче. Кај мене проработи инаетот, кој патем да речам во текот на целата моја кариера ми беше верен придружник – продолжи Ѓоргиевски.

По неколку месеци, во Крагуевац се одржуваше кросот на весникот „Борба“, кој имаше сојузен карактер. Во повеќето трки во различни категории на него настапуваа елитните југословенски тркачи.

– Во таа конкуренција се „замешав“ и јас. Ова беше шанса да ги проверам моите вистински квалитети, а евентуално и да му се реванширам на Вуловиќ. Трката беше многу тешка, но на крајот успеав да поминам трет низ целта зад тогаш најдобриот југословенски тркач на средни и на долги патеки Драган Здравковиќ и повторно зад Стеван Вуловиќ. Но, за разлика од онаа трка во Скопје, овој пат заостанувањето зад Вуловиќ ми беше само неколку чекори. Сите беа изненадени и се прашуваа кој е овој атлетичар од Македонија. Тогаш, за мене се заинтересира и тренерот на Дане Корица, Драган Петровиќ. Тој ми понуди, ако сакам, да одам во Белград и да тренирам во Црвена звезда. Но уште бев млад и до крајот на кариерата останав во Битола и ги бранев боите на Олимпија – се сеќава Стевче.

ЈУГОСЛОВЕНСКИ И БАЛКАНСКИ ПРВАК

Во 1978 година Стевче Ѓоргиевски стана југословенски првак во крос, во конкуренција на помлади младинци. Голем фаворит во трката, која се одржа на Шишка, во Љубљана, беше загрепчанецот Кршек, кој и претходно победуваше во својата категорија. Но овој пат тој „налета“ на одличниот битолчанец и беше победен.
– По трката, тој ми пријде и ме праша: „Кој си ти, од каде доаѓаш, како досега не знаев за тебе“. Му кажав кој сум и што сум, го потсетив и на тоа дека бев трет на кросот на „Борба“. Тогаш му стана јасно за кој битолски атлетичар станува збор. Оттогаш со Кршек станавме неразделни другари, кога ќе одевме на репрезентативните подготовки – вели Стевче.

Само неколку дена по победата дојде повик за настап во југословенската репрезентација на Балканскиот крос во Истанбул. Тоа беше големо признание не само за Стевче туку и за македонската атлетика. Инаку, во тој период Македонија имаше уште двајца југословенски репрезентативци, но во трките на патека – Елизабета Божиновска и Сокол Сачевски.

– Во Истанбул, не само јас, туку потфрли комплетниот југословенски тим, и тоа во сите трки од младинска до сениорска, машка и женска конкуренција. Не знам што ни се случи, но ете никој од нас како да немаше ден. Тоа беше разочарувачко, но се тешев со фактот што сите потфрливме и не бев единствениот со слаб пласман на балканскиот крос – вели тој.

Затоа, пак, две години подоцна, Стевче Ѓоргиевски, откако зад себе имаше десетици трки, на Балканскиот крос во Крајова (Романија) во конкуренција на постари младинци на патеката од шест километри прв помина низ целта и беше единствениот Југословен во осумте трки во различни категории што стигна до златниот медал.

– Радоста во „синиот“ табор беше голема, по кросот се најдов на рацете од моите другари од репрезентацијата, што за мене претставуваше чест и незаборавен момент во мојата кариера. Да биде победата уште послатка беше извојувана во конкуренција во која дотогаш доминантни беа романските атлетичари. Јас во Крајова, на нивни терен, успеав да ги победам. Таа победа, можам да кажам, ми беше една од најмилите, зашто по неа и во Македонија бев пречекан како вистински херој. Подоцна повторно станав првак на Југославија на кросот во Сараево и учествував на Балканскиот крос во Атина. Но таму во конкуренција на помлади сениори на осум километри се пласирав на четвртото место, што, исто така, беше добар резултат – вели Ѓоргиевски.

ДВЕ ФАНТАСТИЧНИ ТРКИ ВО СОЛУН

Еден од најзабележителните настапи Ѓоргиевски имаше на младинската Балканијада во Солун, во август 1980 година. На овој настап убаво се сеќава и тренерот Ѓорѓи Вучков, кој беше во стручниот штаб на поранешна Југославија.

– Во тогашниот национален тим имавме тројца претставници од Македонија. Интересно е дека сите освоија медали. Елизабета Божиновска се закити со три медали – златен на 400, сребрен на 4×100 и бронзен на 4×400, Сокол Сачевски беше трет во штафетната трка 4×100 метри, а Стевче Ѓоргиевски освои злато на 5.000 метри, со нов македонски рекорд и сребро на 1.500 метри. Тоа беа ѕвездени мигови на македонската атлетика – вели Вучков.

Според кажувањето на Вучков, Стевче имал навистина фантастични трки. На 1.500 метри за гради бил победен од грчкиот првак, инаку европски вицешампион, а на 5.000 метри имал неверојатна трка. На неа се сеќава и Стевче.

– Тоа беше вистински пекол. За да биде малерот поголем, мојот репрезентативен колега Кршек, со кого требаше да тактизираме и да си помагаме, незгодно згазна на прачката што беше граничник на патеката со фудбалскиот терен и ја скрши ногата. Не ми остана ништо друго, туку да влезам во дуел со противниците. Вучков покрај патеката постојано ми довикуваше „гази, одличен си, ќе имаш рекорд“. И навистина беше така, по истрчаните 12 и пол круга, не само што победив туку и имав рекорд 14:06 минути и неколку десеттинки, кој резултат две години подоцна во Марибор го подобрив и тој уште фигурира какао македонски рекорд – 14:06,52 минути – вели тој.
Сите овие постигнувања најубаво зборуваат за квалитетите на Стевче Ѓоргиевски, кој беше вистински ас во македонската атлетика. Денеска живее во Сиднеј, Австралија.


Лична карта
Роден: во 1961 година во Битола
Кариера: АК Олимпија, репрезентација на Југославија
Успеси: југословенски првак во крос, двапати, балкански првак во крос за младинци во Крајова, балкански младински вицешампион на 1.500 м и шампион на 5.000 м во 1980 во Солун, актуелен македонски рекордер на 5.000 метри.