До 2019 година една напуштена фабрика за челик ќе стане место каде што ќе се одвиваат натпревари во сноуборд на ЗОИ 2022 во Пекинг

На крајот на 2019 година, љубителите на сноуборд-дисциплината биг-ер и скијачките скокови ќе можат да ја видат спектакуларната трансформација на фабриката за челик во патека каде што ќе се одржуваат дел од настаните на Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година.
Организацискиот одбор во Пекинг планира постојните објекти на фабриката да ги трансформира, со почнување изградба на рампата висока 60 метри, а со реновирањето на магацините и околните објекти тие да бидат ставени во наменска функција за време на Игрите како приемни простории и медиумски и радиоцентри.
Челичната фабрика во Шуганг, во западниот дел на главниот град, е неактивна откако беше затворена пред Летните олимписки игри во Пекинг во 2008 година. Сега разладните кули и големото езеро ќе обезбедат спектакуларна заднина за натпревари, во спомен на сјајот на индустриското минато.

– Имавме многу предлози за изградба на патеките, но идејата да се комбинира динамична спортска акција со индустриското наследство победи на конкурсот на Интернационалниот олимписки комитет за одржливост. Проектот ќе служи како сидро за целиот план, за повторно да ги реорганизираме индустриските содржини како идна дестинација за зимски спортови и рекреација – изјави Лиу Јумин од организацискиот одбор.
И Организацискиот одбор за ЗОИ во 2022 година е со седиште во Шуганг, а канцелариските згради се реконструирани од индустриски објекти како силос, складиште и претоварна станица.