Тренерот на Јувентус, Масимилиано Алегри негираше дека тимот е опседнат од идејата да триумфира во Лигата на шампионите, откако ги прокоментира досега завршените мечеви од осминафиналето на најквалитетното континентално фудбалско натпреварување.

– Реал Мадрид одигра одлично против Ајакс. Тотенхем порасна многу во последниве години и може да цели на полуфинале. Има седум или осум тимови кои имаат потенцијал да стигнат до финалните четири. ВАР во Европа? Среќен сум затоа што е корисен. Поништениот гол на Ајакс во нормална ситуација нема да се разгледува и би останало до проценка на судијата. Оваа сезона е поинаква. Вие, новинарите, сте опседнати со Лигата на шампионите, не ние – прокоментира Алегри на пресконференцијата пред утрешниот дуел на „старата дама“ против Фросиноне од италијанската Серија А.