Тоа за него би значело можност за настап во Светскиот куп во сезоната 2019/2020

Најдобриот македонски скијач нордиец, Ставре Јада, со тренерот и селектор Ѓоко Динески, деновиве во Австрија го одработува вториот дел (прв на снег) од подготовките за сезоната 2018/2019. Претходно, петнаесетина дена Јада тренираше во Банско, Бугарија (на ролери), а по Австрија, следна дестинација е Идре, Шведска, каде што ќе остане до 2 декември. Во меѓувреме, кон крајот на месецов, Јада во Идре треба да ги и има првите натпревари во новата сезона.

– Засега само Јада комплетно ги одработува планираните тренинзи за сезоната, во која има големи амбиции. Целта е триумф во Балканскиот куп, во кој ќе има десетина натпревари, што би му обезбедило учество во Светскиот куп во сезоната 2019/2020. Има и друга опција, која е потешка, на крајот од сезоната тој да биде под 65 ФИС-поени (сега има 81- н.з.), што за него реално би било остварливо за две-три години.

Проекциите се Јада до следните Зимски олимписки игри (ЗОИ) во 2022 година во Пекинг, Кина, да се симне под 50 ФИС-поени или да биде меѓу најдобрите 300 нордиски скијачи во светот, што ќе значи дека Македонија ќе има право на уште еден натпреварувач на ЗОИ. Слични се желбите кога станува збор и за натпреварите во биатлон. Јада треба да настапи на младинското СП во биатлон во Осрбле, Словачка (во февруари 2019), посакуваме да се избори за учество во Светскиот куп, таму и да се задржи – вели Динески.

Преостанатиот дел од македонската нордиска (и биатлон) репрезентација главно го сочинуваат млади, неискусни, но талентирани скијачи, на возраст од 18 до 20 години. Тие поради училишните и други обврски подоцна ќе им се приклучат на подготовките.

– Станува збор за млади и перспективни скијачи, од кои очекувањата се да напредуваат во секој поглед, да стекнуваат искуство и ги подобрат пласманите на ФИС-листата. Сезонава ќе сметаме на осуммина македонски скијачи. Покрај олимпијците, Ставре Јада и Викторија Тодоровска, тоа се Викторија Јовановска, Ана Цветаноска, Ана Марија Зафировска, Росана Кироска, Никола Костовски и Никола Петковски. Првпат со нас ќе биде и младата Михаела Даноска (14), која е голем потенцијал, олимписка надеж, една од најталентираните скијачки што воопшто сме ги имале во Македонија. Доколку продолжи да тренира напорно и да се развива како што посакуваме, од неа можеме да очекуваме одлични резултати во иднина – истакнува Динески.

Во следните неколку месеци македонските скијачи ги очекуваат серија натпревари во нордиско трчање, но и во биатлон. Покрај натпреварите во Балканскиот куп и на други регионални натпревари, во план е учество и на Младинскиот олимписки фестивал во Сараево, во февруари 2019, а круна на сезоната би требало биде настапот на Светското првенство (СП) во нордиско скијање, во Сефелд, Австрија (од 19 февруари до 3 март 2019).