Во мечот за трето место на силниот меморијален одбојкарски турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, Македонија ја совлада Бугарија со 3-0, а македонскиот селектор ја оквалификува победата како аспирин за главоболка

Репрезентацијата на Македонија го освои третото место на силниот меморијален одбојкарски турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, кој се одржа во салата „Градски парк“ во Скопје, победувајќи ја Бугарија во малото финале, со максимални 3-0 (25-23, 25-21, 25-19). Во првиот меч на турнирот, Македонија загуби од Украина со 1-3 (21-25, 20-25, 25-22, 20-25).

Победник на 43-от турнир „Чајка“ е репрезентацијата на Украина, која во мечот за првото место беше подобра од Белгија со 3-1 (25-22, 22-25, 25-20, 25-22). Белгија во првиот меч беше подобра од Бугарија, со 3-1 (18-25, 25-21, 25-15, 25-18). За најдобар играч на турнирот беше прогласен капитенот на Украина, Олег Плотнитски, а за најдобар техничар плејмејкерот на Македонија, Ѓорѓи Ѓорѓиев.

Македонија одигра многу подобро против Бугарија отколку на првиот меч против Украина, кога многу работи не функционираа, од сервисот, преку приемот на противничкиот сервис, до организацијата на нападот и блокот. Победата на Македонија над Бугарија е од големо значење, пред сѐ за зголемување на самодовербата по трите порази на четирите претходни контролни средби, против Романија и Шведска.

– Оваа победа ни доаѓа како вистински аспирин за главоболка. Многу ни е битна за самодовербата, за да ја кренеме главата повисоко и да веруваме сѐ повеќе и повеќе дека можеме да постигнеме нешто добро на Европското првенство во Љубљана. Има работи со кои сум и не сум задоволен. Сервисот ни е сѐ подобар, не правиме многу грешки во нападот, речиси двојно помалку од ривалите, што е супер. Одбраната и блокот треба да се подобрат, иако кога сме кај блокот, тука сме дефицитарни на физички план со играчкиот кадар. Имавме и доста повреди, сега сите се здрави, најбитното е што сите се подготвени за игра. Ни останува и уште повеќе да се набилдаме на психолошки план пред ЕП – изјави селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ.

Македонските одбојкари до среда ќе тренираат во Скопје, а потоа ќе патуваат за Австрија, во Сент Полтен, каде што ќе одиграат два контролни натпревара, како последна проверка пред натпреварите во групата на ЕП 2019 со Словенија, Русија, Турција, Финска и со Белорусија, во Љубљана (од 12 до 18 септември). 


РЕЗУЛТАТИ
ПОЛУФИНАЛЕ
Македонија – Украина 1-3
Белгија – Бугарија 3-1
МЕЧ ЗА ТРЕТО МЕСТО
Македонија – Бугарија 3-0
ФИНАЛЕ
Украина – Белгија 3-1


НЕКОИ РЕЗУЛТАТИ НА ПРОТИВНИЦИТЕ НА МАКЕДОНИЈА НА ЕП
Финска – Украина 1-3 (ЗЛ)
Финска – Украина 0-3 (ЗЛ)
Финска – Белорусија 0-3 (ЗЛ)
Финска – Белорусија 0-3 (ЗЛ)
Финска – Чешка 1-3 (ЗЛ)
Финска – Чешка 2-3 (ЗЛ)
Финска – Кина 1-3 (ЛОИ)
Финска – Аргентина 1-3 (ЛОИ)
Финска – Канада 0-3 (ЛОИ)
Финска – Естонија 1-3 (П)
Финска – Естонија 2-3 (П)
Финска – Холандија 1-3 (П)
————————————————–
Белорусија – Чешка 3-1 (ЗЛ)
Белорусија – Чешка 1-3 (ЗЛ)
Белорусија – Финска 3-0 (ЗЛ)
Белорусија – Финска 3-0 (ЗЛ)
Белорусија – Украина 3-1 (ЗЛ)
Белорусија – Украина 2-3 (ЗЛ)
————————————————–
Словенија – Грција 3-1 (П)
Словенија – Италија 3-1 (П)
Словенија – Италија 1-3 (П)
Словенија – Франција 0-3 (ЛОИ)
Словенија – Тунис 3-0 (ЛОИ)
Словенија – Полска 1-3 (ЛОИ)
————————————————–
Турција – Летонија 3-0 (ЗЛ)
Турција – Летонија 3-0 (ЗЛ)
Турција – Белгија 3-1 (ЗЛ)
Турција – Белгија 3-1 (ЗЛ)
Турција – Словачка 3-0 (ЗЛ)
Турција – Словачка 3-0 (ЗЛ)
Турција – Естонија 3-1 (ЗЛ)
Турција – Белорусија 3-0 (ЗЛ)
Турција – Австрија 3-1 (П)
Турција – Австрија 1-3 (П)
————————————————–
Русија – Мексико 3-0 (ЛОИ)
Русија – Куба 3-0 (ЛОИ)
Русија – Иран 3-0 (ЛОИ)
резултатите се некомплетни и се главно од мај до август
П-пријателски меч; ЗЛ-златна лига; ЛОИ-квалификации за ЛОИ


Учесниците на турнирот ќе играат на ЕП

Македонија ќе дебитира на европските првенства (ЕП) во одбојка, а од учесниците на турнирот во Скопје на ЕП 2019 во групата А ќе игра Бугарија (заедно со репрезентациите на Франција, Грција, Италија, Португалија и на Романија), во групата Б ќе настапи Белгија (со Австрија, Германија, Србија, Словачка и со Шпанија), а Украина е во групата Д (со Чешка, Естонија, Црна Гора, Холандија и со Полска).