Зачуваните примероци од спортистите од Игрите во Лондон сега се тестираат со најсовремени методи, а од претходно обработените 500 примероци, најдени се 48 нови допингувани спортисти од ЛОИ 2012

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) почна со дополнителни допинг-анализи на примероците собрани од спортистите од Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2012 година во Лондон. Со најновите методи ќе се тестираат примероците за сите забранети супстанции во 2012 година.
Борбата против допингот е врвен приоритет на ИОК, кој воведе нулта толеранција во борбата против користењето недозволени средства. Тестирања на примероците од ЛОИ 2012 ќе продолжат и во 2019 година, додека, според правилата, не застарат во 2020 година.

Ако со овие тестирања се најде недозволена супстанција соодветните спортисти ќе бидат информирани, по што ќе почне процедурата против таквите спортисти, велат од ИОК. Досега се направени 500 анализи на примероците од спортистите по завршувањето на ЛОИ 2012, а беа утврдени 48 нови допингувани спортисти.

Сево ова е дел од обидите на ИОК да ги заштити чистите спортисти и интегритетот на натпреварувањата. ИОК чува примероци од ЛОИ 2004 и ги реанализира систематично. Откако се прават дополнителни тестирања по завршување на олимписки игри (зимски и летни), откриени се повеќе од 100 спортисти што користеле допинг, и тоа петмина по ЛОИ 2004, 65 по ЛОИ 2008, еден по ЗОИ 2010, 48 по ЛОИ 2012…, а во тек се испитувања и од сите други олимписки игри во овој период.

За Зимските олимписки игри годинава во Пјонгчанг, ИОК го делегира управувањето со резултатите на Глобалната асоцијација на меѓународните спортски федерации и нејзината спортска единица „Без допинг“, а санкционирањето на Спортскиот суд за арбитража во Лозана (Швајцарија), за да ги направи тестирањето и санкционирањето независни од ИОК.