Во полуфиналињата ќе играат Словенија (сребро на ЕП 2015), Полска (актуелен светски првак), Франција (европски првак од 2015-та и победник на Светската лига од 2017-та) и Србија (бронза на ЕП 2017, победник на Светска лига во 2016-та)

Србија – Франција (утревечер во Париз) е втората полуфинална двојка на Европското првенство (ЕП) во одбојка што првпат се игра во четири земји (Франција, Холандија, Белгија и Словенија), откако двете селекции завчера славеа во четврт-финалињата. Во првото полуфинале вечерва во Љубљана (20.30 часот) играат Словенија – Полска.
Франција во четврт-финалето, во прекрасна атмосфера, пред повеќе од 7.000 домашни навивачи во Нант, ја совлада Италија, убедливо со максимални 3-0 (25-16, 27-25, 25-14). Франција, европскиот првак од 2015-та, беше подобра од Италија и во делот од групната фаза во Монпелје, кога победи со 3-1.

Србија, бронзената од минатото ЕП во 2017-та, која важеше за голем фаворит, со доста маки, во неизвесен меч во пет сета во Антверпен, пред 1.650 гледачи, триумфира над Украина, 3-2 (21-25, 25-23, 25-22, 19-25, 15-9). Украина беше победник на квалификациската група за пласман на ЕП 2019, во која играше Македонија.

Од полуфиналистите Словенија го освои сребрениот медал на ЕП 2015, Полска е актуелен светски првак од Мундијалот лани, Франција е европски првак од 2015-та и победник на Светската лига од 2017 година и втора лани, Србија освои бронза на ЕП 2017, победник е на Светска лига во 2016 година итн. 


ПОЛУФИНАЛЕ
Словенија – Полска 20.30 ч.
арена „Стожице“, Љубљана
Франција – Србија утре, 20.45 ч.
сала „Берси“ Париз