Емил Палов во акција

Македонските каратисти остварија само две поединечни победи, на престижната Премиер-лига, која викендов се одржа во јапонскиот град Токио, што е скромен ефект. Освојувачи се Симона Заборска и Емил Палов, кои успеаја да забележат победи во 1-то коло, и тоа по првиот ден. Заборска (категорија до 55 кг) ја совлада со 1-0 Германката Гизем Бугур, а потоа загуби со 0-2 од Јапонката Сара Јамада. Павлов (до 60 кг) во почетното коло славеше со 2-1 над Казахстанецот Каисар Алписбам, а потоа минимално загуби од Азербејџанецот Фирдовс Фарзалиев. Петар Заборски (до 75 кг) во 1-то коло беше поразен од Унгарецот Габор Харспартаки.

И вториот ден македонските каратисти имаа слаб настап. Наташа Стефановска (до 61 кг) во 1-то коло загуби од Французинката Лаура Сиверт (0-3), а иста судбина доживеаја и Берат Јакупи (до 84 кг), од Јапонецот Рјутаро Арага (0-2), Петар Спасеновски (до 84 кг) од Французинот Фарук Абдеселем (1-3) и Мартин Несторовски (над 84 кг) од Турчинот Ридван Каптан (2-5).

Во Токио (664 каратисти од 70 држави) настапија само оние што се рангирани во првите 100 на светската ранг-листа на ВКФ. Од Македонија, под водство на селекторот Сашко Арсовски, беа оние што ќе настапат и на претстојното Светско првенство (СП) во Мадрид (6-11 ноември).