Фудбалерите на Шкендија се сопнаа на првата пречка во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите. Македонските шампиони не успеаја да го минат првакот на Естонија – Номе Калју. Mечот заврши со резултат 2:2, а Естонците одат понатаму бидејќи постигнаа повеќе голови на гостински терен.

Шкендија беше голем фаворити во дуелите со Номе Калју, но таа улога не ја покажаа во двата дуели. Иако првиот меч во Естонија тетовци го добија со 1:0, таа предност не успеаја да ја задржат во реваншот.

Дуелот на арената „Тодор Проески“ започна лошо за Шкендија. Во шестата минута Захов лошо процени една нафрлена топка, не успеа да ја боксува, а Уге со прецизен удар ја смести зад неговиот грб.

До крајот на полувремето Шкендија се обидуваше но не успеа да ја пробие тактички добро поставената игра на Естонците.

Во вториот дел Шкендија заигра подобро, Бесарт Ибраими во 50-тата минута го погоди дирекот од голот на Лундек, кој потоа ги одбрани ударите на Агим Ибраими и Мици. Надеж дека Шкендија ќе се пласира во наредната рунда донесе Агим Ибраими во 62-та минута кога реалзираше пенал.

Тетовци се обидоа да ја зголемат предноста, а откако не успеаја во своите намери казната ги стигна во 91-та минута. Паниката и лошото исфрлање на топката пред голот на Захов ја искористи Лилиу.

Номе Калју во наредната рунда речиси сигурно за противник ќе го имаат шкотскиот великан Селтик.