Фернандо Алонсо

Фернандо Алонсо, третиот и најмлад дебитант во историјата во Формула 1 и светски првак од 2005 и 2006 година, одлучи да стави крај на богатата спортска кариера

Најдобриот шпански автомобилист на сите времиња, Фернандо Алонсо (37), реши на 25 ноември годинава во Абу Даби да ја вози последната трка во својата незаборавна спортска кариера.
– По 17 убави година во овој неверојатен спорт, дојде време за промени. Донесов одлука уште пред неколку месеци, но не беше лесно. Пред нас се уште сериозни предизвици до крајот на сезоната, а ќе ги дочекувам со посебна страст. Се наоѓам во еден од најубавите периоди од животот, но во исто време почувствував и потреба да влезам во нови авантури – изјави возачот на Ф1, Алонсо, по најавата дека би можел да продолжи со трките, но во некој друг шампионат.

Талентираното момче од Овиедо, во овој автомобилски „циркус“ влезе во 1999 година како тест-возач на Минарди, наредните две години ги мина како резерва во Бенетон, за потоа да го послуша предлогот на Флавио Бријаторе и заедно да одат во Рено, каде што и дебитира во 2003-та, за две години подоцна сензационално да ја прекине петгодишната доминација на Германецот Михаел Шумахер со Ферари.
Популарниот Ел Нано во 2005 година како прв возач на францускиот тим ја шокира својата конкуренција со три победи во првите четири трки на сезоната, а подоцна рутински ја освои првата своја титула (133 бода), пред Кими Раиконен со Мекларен (112). Тогаш имаше само 24 години, а со 25 веќе стана двократен првак на светот.

Пресудна беше победата на претпоследната трка во Јапонија, кога од петтата позиција на стартот, го искористи откажувањето на Шумахер поради проблеми со моторот од лидерската позиција, претекнувајќи ги другите ривали, како и вториот возач на Ферари, Рубенс Барикело, со што направи смена на врвот во генералниот пласман пред големото финале на сезоната во Бразил.
Во хаотичната трка на Интерлагос во Бразил, Алонсо покажа импресивно возење, минувајќи ги еден по еден своите ривали, сѐ додека не се најде зад партнерот на Шумахер, Фелипе Маса.

Шпанецот заврши на второто, а Германецот на четвртото место, за конечни 134-121 бода во генералниот пласман за Алонсо. Тогаш најпопуларниот шпански спортист до појавата на тенисерот Рафаел Надал, одлучи да го прифати повикот на англиски Мекларен и формира силен тандем со Луис Хамилтон, но кога практично и започна неговиот пад кон средината и дното од овој карван. Алонсо и Хамилтон не можеа да функционираат уште од првиот ден, додека помеѓу нив сѐ пукаше. Раиконен со Ферари ја освои титулата во последниот круг од последната трка во таа незаборавна 2007 година. По ова Алонсо се врати назад во неконкурентниот Рено, каде што остана две сезони.

Шанса да се бори за титула требаше да има и во 2010 година, кога потпиша за Ферари, но се покажа дека тоа беше еден од неговите најлоши периоди, а доминација на Себастијан Фетел, во болидот на Ред Бул. Алонсо во 2015-та се врати во Мекларен, кој беше само бледа сенка на тимот од 2007-та.
Победата на Каталуња пред неговите навивачи во 2013 година беше најсветлата епизода на Алонсо таа година, а наедно и последна што ја остварил во својата кариера.
Во болидот поради кој се срамеа и навивачите од Вокинг, Алонсо во претходните три сезони успеваше да заврши како 17-ти, 10-ти и 15-ти во генералниот пласман. 


Успесите на Алонсо
305 трки
две титули светски првак (2005, 2006)
32 победи
97 подиуми
22 пол-позиции
27 најбрзи круга
2001 – прва трка (Минарди, Австралија)
2003 – прва победа (Рено, Унгарија)
2013 – последна победа (Ферари, Шпанија)
2018 – последна трка (Мекларен, ОАЕ)