Новата сезона во Формула 1 почнува идниот месец во Австралија, со неколку нови лица, секако и повеќе искусни, а сите тимови и возачи се во трка и по некои рекорди на натпреварувањето, пишува шпанската „Марка“.

Така, Луис Хамилтон може да го надмине рекордот на Михаел Шумахер за најмногу победи, но тој рекорд прво би бил израмнет годинава само ако Британецот победи на 18 од 21 трка, со што би имал 91. Џони Херберт и Мартин Брандл, пак, со по 165 трки, во моментов го држат рекордот за најмногу трки без да се квалификуваат за пол-позицијата. Серхио Перез може да го собори тој несакан рекорд ако не успее да заврши прв во квалификациите во првите осум трки од сезоната.

Себастијан Фетел имаше 21 година и 72 дена кога го постави рекордот за најмлад возач на пол-позицијата, во 2008 година. Макс Ферстапен, кој исто така има 21 година, повеќе не може да го собори тој рекорд, но можат Лендо Норис, Ленс Строл и Џорџ Расел.

Фетел е рекордер и во категоријата најмлад победник во една трка, со 23 години и 134 дена, кога победи во Абу Даби во 2010 година, а тој рекорд можат да го подобрат Ферстапен и Чарлс Леклерк (и двајцата имаат по 21 година).

Кога Фетел победи во Монца во 2008 година, Роберт Кубица и Хајки Ковалаинен го поставија рекордот за најмладите возачи во првиот ред пред почеток на една трка во Формула 1, со просечна возраст од 23 години, 11 месеци и 16 дена. Сезонава ќе има голем број млади возачи, па рекордот може да биде соборен.

Кими Раиконен би можел да го надмине рекордот на Шумахер од 221 трка со пласмани меѓу првите 10, ако има таков пласман на 18 од 21 трка годинава. Даниел Рикиардо и Валтери Ботас можат да ги стигнат рекордните 1.167 поени на Фелипе Маса за најмногу бодови без освоена титула. Австралиецот има 182, а Ботас 205 бода помалку од рекордот.

Ферари го држи рекордот за последователни шампионски титули во конкуренција на конструктори, со шест во периодот помеѓу 1999 и 2004 година. Мерцедес е во серија од пет титули по ред.

Алексендер Вурц ја има најдолгата пауза помеѓу две остварени пол-позиции, од 1997 до 2005 година, но Роберт Кубица може да го надмине, откако претходен пат на пол-позиција бил во 2010 година.