Семејството и пријателите на фудбалерот Емилијано Сала планираат да ангажираат бродови и приватно да продолжат да го бараат аргентинецот, откако властите ја прекинаа потрагата на паднатиот приватен авион кој се сруши во водите меѓу Франција и Англија, пренесува „Индепендент“.

Мајката на Сала, Мерцедес, заедно со поголем број на пријатели на напаѓачот тргнаа кон локацијата на несреќата, каде што пред извесно време пристигна и агентот на играчот Меиса Н’Даје.

Вчера, првиот човек што ја водеше истрагата Дејвид Баркер изјави дека шансите играчот и пилотот да преживеале се „екстремно ниски“, откако властите по четири дена ја откажаа истрага.

Ромина, сестрата на Емилиано Сала, ги замоли челните луѓе на тимот од Кардиф да ја продолжат истрагата.

– Ги разбираме фактите и вистински ги цениме напорите на надлежните. Сакам да им се заблагодарам и на фудбалскиот клуб Нант и на Кардиф, како и на сите кои сè уште го бараат Емилиано. Ве молам да не ја прекунвата потрагата. За мене, тие сè уште се живи – изјави сестрата на Сала, Ромина за медиумите.

Семејството на Сала го поддржа и селекторот на аргентинската репрезентација Лионел Скалони, кој побара потрагата да продолжи, аргентинците од Манчестер сити Серхио Агуеро и Николас Отаменди преку Твитер испратија пораки до властите дека потрагата не треба да се прекинува и искажаа поддршка за семејството на Сала. Слични пораки испратија и челниците на поранешниот клуб на аргентинецот, Нант од Франција.

Премиер лигата информираше дека на претстојните натпревари во натпреварувањето ќе има едноминутен молк поради несреќата на Сала и Иботсон.