Михаил Таљ

На оваа необична листа се славни шахисти од минатото, како Боби Фишер и Михаил Таљ, но и од денешницата, како Магнус Карлсен и Сергеј Карјакин

Шахот и неговото големо наследство има изградено записи што стојат со децении, а некои и со векови. Седум од најубавите шаховски рекорди што некогаш биле врежани во црно-белата историјата и понатаму го пленат светот, а на таа листа се славни шахисти од минатото, како Боби Фишер и Михаил Таљ, но и од денешницата, како Магнус Карлсен и Сергеј Карјакин.

РОБЕРТ ФИШЕР е рекордер според бројот на последователни победи, 20. Во неговата феноменална кариера, која кулминира со мечот за светски првак против Русинот Борис Спаски, Американецот забележа 20 победи во низа против врвни шахисти. Почна во Палма де Мајорка во 1970 година, каде што забележа седум победи. На турнирите на кандидатите што следуваа во 1971 година Фишер ги победи Русинот Марк Тајманов и Данецот Бент Ларсен со по неверојатни 6-0. По првата победа на следниот дуел против Ерменецот Тигран Петросјан, следувал пораз во втората партија, со што завршила оваа неверојатна победничка низа. Фишер го победил и Петросјан, а потоа и актуелниот светски првак, Русинот Борис Спаски, со што стана 11-ти светски шаховски првак. Најблиску до овој рекорд е Фабијано Каруана (седум победи на Купот на Синкфилд во САД во 2014 година).

МИХАИЛ ТАЉ е најдолго непоразен (95 партии). Светскиот првак, Летонецот Михаил Таљ беше познат по својот креативен и напаѓачки стил на игра, кој целосно дојде до израз во 1960 година во мечот против Русинот Михаил Ботвиник. Со победата на тој дуел, тој во тоа време стана најмладиот светски шампион (23 години), а остана додека Русинот Гари Каспаров (на 22 години) не го порази неговиот сонародник Анатолиј Карпов во 1985 година. Иако неговата кариерата беше попречувана од здравствени проблеми, тој во периодот од 23 октомври 1973 до 16 октомври 1974 година, одигра 95 партии без пораз. Најблиску до овој рекорд се токму Таљ (повторно) со 85 партии од јули 1972 до април 1973 година и Хозе Раул Капабланка со 63 партии (од 10 февруари 1916 до 21 март 1924).

ЕМАНУЕЛ ЛАСКЕР најдолго бил сопственик на светската титула (27 години). Германецот Ласкер стана втор светски првак, кога го победи Австриецот Вилхелм Штајниц во 1894 година. Тој ја задржа светската круна 27 години, многу подолго од кој било друг првак, до поразот од Кубанецот Хозе Раул Капабланка во 1921 година. Често се забележува дека владеењето на Ласкер било продолжено, оти Првата светска војна ги одложила планираните мечеви со Полјакот Акиба Рубинштајн и со Капабланка. Најблиску до овој рекорд се Гари Каспаров со 15 години (1985-2000) и Михаил Ботвиник со 13 години (1948-1963) владеење во шаховскиот свет.

Магнус Карлсен

МАГНУС КАРЛСЕН има највисок шаховски рејтинг на сите времиња (2.882). Норвежанецот го забележа овој рекорд на рејтинг-листата на ФИДЕ во мај 2014 година. Неофицијално, тој стигнал до уште повисок рејтинг од 2.889 поени, на листата на рејтинзи што се пресметуваат во живо. Од времето кога се води оваа шаховска листа, само 12 шахисти достигнале рејтинг над 2.800 поени. Карлсен е единствениот што се приближува до 2.900. Најблиску до овој рекорд се Гари Каспаров со 2.851 (јули 1999) и Фабијано Каруана со 2.844 (октомври 2014).
СЕРГЕЈ КАРЈАКИН е најмлад велемајстор во светот, кога титулата ја освои со 12 години и седум месеци. Русинот е единствениот шахист што ја освоил титулата велемајстор на таа возраст. Во 2016 година Карјакин доби шанса и за светската титула, предизвикувајќи го Карлсен. На крајот по нерешените 6-6, мечот беше решен со партии со забрзано темпо во корист на Карлсен. Најблиску до овој рекорд се Роберт Фишер со 15 години, шест месеци, еден ден (во 1958 година) и Унгарката Јудит Полгар со 15 години, четири месеци и 28 дена (1991 год.).

ЕХСАН ГАЕМ МАХИМИ е рекордер според бројот на одиграни партии во една симултанка (604). Симултанка е кога еден шахист игра против повеќе шахисти одеднаш, така што тој се движи од табла до табла и секојпат игра по еден потег. Обично се игра на 20-30 табли. Деветкратниот ирански првак, Ехсан Гаем Махами, на 8 и на 9 февруари 2011 година на стадион во Техеран одиграл неверојатна симултанка на 604 табли, што е наедно и светски рекорд. Притоа тој победил 580 противници, ремизирал со 16, а загубил од осум шахисти. Најблиску до овој рекорд се Унгарката Сузан Полгар со 326 табли (309 победи, 14 ремија, три порази) во 2005 година и Хозе Раул Капабланка со 103 табли (102 победи, едно реми) во 1922 година.

ТИМУР ГАРЕЕВ е рекордер во шах на слепо (48 партии). Еден од најзначајните подвизи во шаховската игра е играњето на слепо, односно со врзани очи против своите ривали. На играчот не му е дозволено да гледа во таблите, така што мора да ја има целата позиција на сите табли во својата глава (потезите ги соопштува и ги прима со гласно кажување), за што се потребни силна меморија и концентрација. Американецот со узбекистанско потекло Гареев го поставил новиот рекорд на 3 и на 4 декември 2016 година, кога играл против 48 противници одеднаш, забележувајќи 35 победи, седум ремија и шест порази. Најблиску до овој рекорд се Марк Ланг (46 противници) во 2011-та и Мигуел Најдорф (45 противници) во 1947 година.