Тој го донесе четвртиот поединечен медал за Македонија од младинските мундијали, откако во борбата за бронзениот медал на СП во Чиле го победи Русинот Ахмед Ахмедов со 4-2

Македонскиот кадетски репрезентативец, член на КК Олимпик, Бојан Костов, постигна голем успех освојувајќи го бронзениот медал (категорија до 52 кг) во борби, на Светското првенство (СП) во карате, за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година), што е во тек во Сантијаго (Чиле). Во решавачката борба за третото место Костов, кој дотаму стигна преку репасаж, го победи Русинот Ахмед Ахмедов со 4-2.

Костов, кој е актуелен европски вицепрвак, е третиот македонски натпреварувач во кадетска конкуренција во борби, кој се закити со медал. Порано тоа им успеало на кадетите Фаик Весели (на СП во Индонезија, во 2015-та) и Марио Свинарски (на СП во Шпанија, во 2017 година). Од СП бронзен медал има и Берат Јакупи, но како постар јуниор освоен во Гвадалахара во 2013 година, а сениорска бронза, пак, има Жарко Арсовски, од СП во Србија во 2010 година.

– Задоволен сум од постигнатиот успех, а потајно очекував медал на ова СП, оти во борби решаваат секунди. Ова е само продолжување на успесите на Олимпик, оти нашиот член Фаик Весели веќе има освоено европско сребро во 2018 година и бронза од Младинските олимписки игри во Буенос Аирес во 2018-та. Костов, кој за бронзата се бореше со Ахмедов, кој е европски првак, сето време диктираше темпо и на сите позиции беше надмоќен. Со напад во два наврати, противникот беше принуден да излезе од борилиштето, што е недозволиво и за тоа доби казна, односно беше дисквалификуван, па така Костов на 20 секунди до крајот веќе го освои бронзениот медал. Очекувам добри резултати и утре и задутре од другите македонски натпреварувачи – ни изјави селекторот на кадетската и на јуниорска репрезентација во борби, Александар Кузмановски.

Костов стигна до медалот откако ги победи Романецот Ерхан Торнаци (5-0), Србинот Михајло Марковиќ (1-0), Мароканецот Надир Ќазини (1-0), Индиецот Риски Ромадони (1-1, со дополнителна предност), додека во полуфиналето (0-0) по прегласувањето загуби од Јорданецот Саед ал Најар.

Од другите македонски каратисти на ова СП (1.557 натпреварувачи од 96 држави), останаа уште настапите на постари јуниори/ки во борби, Весели (до 67 кг), Доан Османи (до 75 кг), Вероника Костовска (до 61 кг) и Ангела Мојсовска (до 68 кг).