Македонската кендо-репрезентација се претстави во светло издание на 10-то Балканско првенство (БП), кое викендов се одржа во Софија (Бугарија). Во конкуренција на 140 натпреварувачи од осум држави (Македонија, Србија, Црна Гора, Романија, Хрватска, Грција и Бугарија), Македонија, која настапи со 15 натпреварувачи, оствари забележителен успех.

Така, со злато се закити Андреј Александров во категоријата јуниори (11-14 год.), а сребро освоија јуниорот Олег Бицковски (15-17 год.), како и јуниорскиот машки тим (Александар Кецкоски, Александров, Бицковски). Признанието „борбен дух“ во женска конкуренција заслужено ѝ припадна на Ивона Лазаровска.

Сите македонски натпреварувачи што настапија на Балканското првенство во Софија го дадоа максимумот, притоа покажувајќи голема борбеност и желба за успех во своите борби, што само може да радува пред претстојните репрезентативни настапи, кои ја очекуваат кендо-репрезентацијата. Следен таков голем настан, а со тоа и нова можност за докажување, е годинашното Европско првенство во Белград, во мај.