Сансаи од Кавадарци со освоени 16 први, 10 втори и шест трети места е најуспешниот клуб на најстариот карате-турнир во Македонија „Никола Грдановски-Нике“, кој во организација на КК Металург се одржа по 37-ми пат во Скопје. На турнирот, во чест на прерано починатиот истакнат македонски каратист, еден од основачите, тренер и меѓу првите членови на КК Металург, Никола Грдановски-Нике, настапија почетници, петлиња, кадети, јуниори и постари јуниори (до 21 година). Тие се натпреваруваа во дисциплините кати и борби во машка и во женска конкуренција. Вкупно настапија 36 македонски клуба.

Втор најдобар резултат имаше домаќинот Металург, со осум златни и по пет сребрени и бронзени одличја, а трет е Кеикс со осум златни, еден сребрен и три бронзени медали. Кај домаќинот први места освоија јуниорот Александар Неделковски, Калина Ивановска, екипно женски (2007-2008) и сениорите, сите во кати, а во борби, јуниорката Марија Петровска (категорија до 53 кг), сениорката Драгана Манговска (до 50 кг), како и јуниорската и сениорската машка екипа во борби.