Водечки по 5. коло - Мaксим Родштеин (Израел)

Тоа им успеало на Русите Владимир Поткин, Алексеј Мотилев, Ернесто Инаркиев, Украинецот Алексеј Моисенко, Хрватот Иван Шариќ и Германецот Дитер-Ливиу Нисепеану, кој тогаш настапуваше под романско знаме

По единствениот слободен ден, вчера попладне со партиите од 6-то коло, продолжија шаховските возбудувања на 20-то Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, кое се игра во хотелот „Хилтон“ во Скопје, во 11 кола, во конкуренција на 361 натпреварувач од 42 држави од кои 143 се велемајстори (ВМ). На врвот четворица шахисти, Израелецот Мaксим Родштеин (2.673, рангиран на 13-то место), Унгарецот Ференц Беркеш (2.666, рангиран на 16-то место), Русинот Кирил Алексенко (2.644, рангиран на 26-то место) и Полјакот Каспер Пјорун (2.631, рангиран на 37-то место), успеаја да освојат по 4,5 поени, односно половина поен помалку од максималните, па така вториот, решавачки дел од турнирот го започнаа со бодовна предност. Но тоа не значи и дека токму меѓу нив треба да се бара новиот европски првак.

Во досегашната историја на ЕП, само шестмина европски прваци успеале да бидат водечки по првите пет кола и на крајот да ја зачуваат истата позиција и шампионската титула. Тоа им успеало на Русите Владимир Поткин, Алексеј Мотилев, Ернесто Инаркиев, Украинецот Алексеј Моисенко, Хрватот Иван Шариќ и Германецот Дитер-Ливиу Нисепеану, кој тогаш настапуваше под романско знаме. Тоа значи дека шаховските возбудувања во Скопје допрва следуваат.

По 5-то коло, пак, од македонските шахисти (вкупно 24), најдобропласиран е ВМ Кирил Георгиев, кој со 3 поени (две победи, две ремија и еден пораз), е на 144-то место. Следуваат ВМ Александар Чоловиќ (181) и ФМ Тони Лазов (210) и двајцата со по 2 поена, петмина се со по 1,5, девет се со по 1, двајца со по половина, додека тројца се без поен.

– Ова ЕП е најсилниот турнир на кој сум настапил воопшто досега. Играат многу силни велемајстори, нема лесни противници, се игра квалитетно, така што тешко е да се прогнозира каков пласман ќе остварам на крајот. Мое е да играм и да го дадам максимумот во сите партии – вели македонскиот ФМ Роберт Велески, кој по 5-то коло е на 277-то место со 2 поена (две победи и три порази).