Карлсен и Дубов во машка и Лагно и Ју во женска конкуренција станаа нови светски прваци во забрзан и во брз шах минатата недела на СП во Русија. Од нив, Карлсен и Ју се планетарни шампиони и во класичен шах

Освојувајќи поен повеќе од 2017-та во Ријад, светскиот првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен ја задржа и титулата светски првак во брз шах (2х3 мин., плус 2 сек., за секој потег) во Санкт Петербург, Русија, со 17 поени од 21 партија (60.000 долари). Втор е Полјакот Јан Кшиштоф Дуда со 16,5, а трет е Американецот Хикару Накамура со 14,5 поени.

– Се чувствувам порелаксирано. Вториот ден беше многу тежок иако постојно бев во водство – коментираше Карлсен, кој ја освои четвртата светска титула во брз шах, вкупно 10-та светска титула.

Кај дамите славеше Русинката Катерина Лагно со 13,5 од 17 можни поени (40.000 долари), што е втора ваква титула за неа по онаа во 2010 година. Иранката Сарасадат Кадемалшариех го освои второто место, а третото Кинезинката Тингџи Леи.

– За мене е интересно што не изгубив ниту една партија. Тоа е веројатно првпат во мојот живот на турнир во брз шах – истакна Лагно.

Со 11 поени од 15 можни, без пораз, Русинот Данил Дубов пријатно изненади славејќи на СП во забрзан шах (2х15 мин., плус 10 сек. за секој потег), одигран ден претходно исто така во Санкт Петербург. Среброто го освои Азербејџанецот Шахијар Мамеѓаров, а бронзата Американецот Хикару Накамура (втора бронза на ова СП). Ист број бодови, по 10,5, имаа и Русинот Владислав Артемиев и Карлсен, кој заврши како петти.

– Понекогаш едноставно може да имате среќа, а не дека навистина сте играле многу добро – изјави скромниот Дубов по најголемата освоена парична награда (60.000 долари) во кариерата.

Дубов ремизира со Карлсен во 11-то коло (26-ти потег), а беше и дел од тимот на Карлсен во подготовките на Норвежанецот за светски првак во 2018-та.
Со 10 поени од 12 партии, без пораз, светската првенка во класичен шах, Венјун Ју од Кина, ја одбрани титулата во забрзан шах (40.000 долари), пред Сарасадат Хадемалшариех, која го освои своето второ сребро во Санкт Петербург, и бронзената Александра Горјчкина од Русија, и двете со по 9 поени.