Новата сезона во Светскиот куп треба да почне на 26 октомври, во женска конкуренција титулата ќе ја брани Шифрин, а кај мажите ќе има нов шампион, откако актуелниот, Хиршер, се пензионира

Паричните награди во новата сезона од Светскиот куп (СК) во алпско скијање ќе достигнат нови височини, бидејќи победниците на класичниот спуст и во трката во слалом во Кицбил во јануари ќе добијат по 100.000 евра, што е рекорд за една трка од СК, објави Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Трките во Кицбил на програмата се од 21 до 26 јануари в година.
Организаторите објавија дека го зголемиле својот вкупен награден фонд од минатата сезона за 25 проценти на 725.000 евра за одбележување на 80-годишнината од првата трка.

– Не сакаме да го инвестираме буџетот за 80-та трка во јубилејна забава, а локалниот ски-клуб претпочита да даде пример за спортистите – рече главниот организатор Михаел Хубер.

Паричните награди се речиси двојно повисоки по неодамнешното зголемување на сличните настани на СК во скијање, а не станува збор само за победникот, туку и за второпласираните и третопласираните, кои ќе добијат по 50 илјади, односно по 25.000. За трката во супервелеслалом паричните награди ќе бидат 68.500 за победникот, потоа 34.250 и 17.100 евра за другите двајца што ќе се качат на подиумот.

Новата сезона во СК треба да почне на 26 октомври во австрискиот Зелден (глечер на повеќе од 3.000 метри надморска височина), со трката во велеслалом за жени, а следниот ден е слаломот за мажи. Во женска конкуренција титулата во Светскиот куп ќе ја брани Американката Микаела Шифрин, а кај мажите ќе има нов шампион, откако актуелниот, Австриецот Марсел Хиршер, се пензионира.