Скопје диви свињи е новиот клуб што го популаризира рагбито во Македонија

Среќни сме што со нашата љубов кон рагбито направивме Македонија да добие нов тимски спорт. Уште од првиот тренинг на клубот, интересот за рагбито беше поголем од очекувањата, вели Димитар Нарашанов, капитенот на новоформираниот клуб Скопје диви свињи (Skopje Wild Boars).
Група британски и македонски вљубеници во рагбито пред неколку месеци го формираа тој клуб, за да го актуализираат и популаризираат рагбито како спорт во Македонија. Неодамна е формиран и рагби-клубот Рудар од Пробиштип, така што тие два клуба меѓусебно имаат и заеднички тренинзи и натпревари.

– Во почетокот најголем проблем ни беше да најдеме терен каде што ќе тренираме. Првите тренинзи ги одржувавме во Градскиот парк во Скопје, а сега наш дом е теренот на фудбалскиот клуб Локомотива во Карпош – вели Нарашанов.

Тренери на мултинационалниот тим, кој го сочинуваат 30 рагбисти од Македонија, Англија, Велс, Шкотска и од Кипар, се поранешните рагбисти Енди Дејвис и Џејмс Холт. Тренираат двапати неделно (четврток и недела од 17 часот).

– Наша идеја е во следните три-четири години да го популаризираме рагбито како спорт низ Македонија, да се формираат што повеќе клубови и да формираме рагби-федерација на Македонија. Потоа следна цел ќе ни биде формирање национален тим со кој би ја претставувале Македонија на европските квалификациски натпреварувања – рече Нарашанов.


Рагбито како спорт потекнува од Англија. Се игра на терен со димензии на фудбалскиот, помеѓу два тима составени од по 15 играчи. Целта на играта е да се пренесе топката, која има форма на јајце, подавајќи ја само назад, во просторот за поентирање, кој се наоѓа зад гол-линијата на теренот. Со спуштање на топката во тој простор се постигнува т.н. трај, кој носи пет поени, а потоа тимот што ја пренел топката има право да шутира во гол и, доколку погоди, добива уште два поена.
Во текот на играта се дозволени контакти, но само во телото, секој контакт повисок од градите на играчот резултира со пенал и со жолти и црвени картони. По досуден пенал поради груб прекршок, шут во гол носи три поени, а исто така шут кон гол во текот на игра носи три поени. За разлика од американскиот фудбал во кој играчите носат заштитна опрема, која тежи неколку килограми, опремата за рагби се состои од маица, шорц, копачки и штитник за заби. Та.Д.