Моментниот резултат е 4,5-3,5 за Венјун, а на Жонгуи ѝ преостануваат уште две партии за да го израмни резултатот и со тоа да ја зачува титулата

Осмата партија за титулата светска првенка во шах помеѓу бранителката Тан Жонгуи и претендентката Ју Венјун, и двете од Кина (и двете родени 1991), заврши со реми, што е вкупно трето во овој меч. Венјун води со 4,5-3,5, а на Жонгуи ѝ преостануваат уште две партии за да го израмни резултатот и со тоа да ја зачува титулата. Венјун ги доби втората, третата и петтата партија, а ги загуби четвртата и шестата. Мечот се игра во 10 партии, од кои пет во Шангај (роден град на Ју Венјун), а другиот дел во Чонгкинг (родниот град на Тан Жонги).
Светската првенка Жонгуи (2.522 рејтинг-поени), која моментно е рангиран 19-та во светот, ја брани титулата против светскиот играч број два кај жените, Венјун (2.571). Жонгуи победи на СП по нокаут-форматот одржан во Техеран лани, совладувајќи ја Ана Музичук во финалето, и претставува наследник на нејзината многу посилна сонародничка Хоу Јифан, која одби да учествува на тој турнир.

Венјун, пак, победи на женскиот Гранпри на ФИДЕ за 2016-2017 и на тој начин се квалификува како предизвикувач. Таа има 87 поени помалку од Јифан, која, пак, одлучи да не настапува на женски турнири, делумно и поради искажаното незадоволство од форматот по кој се игра женското СП. Сегашниот систем на титулата за СП се одржува еднаш годишно, односно наизменично со нокаут-системот.
И двете се кинески велемајстори (ВМ) и се натпреваруваат заедно на разни натпревари, а се и многу блиски пријателки. Досега одиграле 46 партии на различни турнири, а резултатот е 14-12 за Тан со 20 ремија. На последното СП, Тан ја елиминира Ју во четвртиот круг со 1,5-0,5, по двете партии со класично темпо на размислување.