Нејзина противничка ќе биде Јапонката Наоми Осака, за која ова е второ гранслам-финале, по деби-триумфот лани во Њујорк

Јапонката Наоми Осака (21), вторпат едноподруго ќе игра во финале на тениски гранслем-турнир. По триумфот во Њујорк лани во септември, Осака повторно е во големо финале, овој пат на Австралија опен во Мелбурн, по триумфот во полуфиналето над Каролина Плишкова од Чешка (6-2, 4-6, 6-4). Пред Њујорк лани, Осака ниту еднаш ја немаше минато четвртата рунда на гранслемите.
Мечот се играше на арената „Род Лејвер“ со спуштен покрив, на температура од околу 40 степени. Осака е првата тенисерка што се пласира во финале на гранслем-турнир веднаш по првата титула, по Американката Џенифер Капријати во 2001 година. Доколку победи, Осака ќе биде и првата тенисерка што победува на два гранслем-турнира едноподруго, по Серена Вилијамс, која триумфира четирипати во низа во сезоната 2014/2015.

Противничка на Осака во саботното финале ќе ѝ биде Петра Квитова од Чешка, двократната шампионка на Вимблдон во 2011 и 2014 година, која во второто полуфинале ја елиминира Американката Даниела Колинс, во два сета со 7-6, 6-0. За Квитова ова е прво големо финале по 2014-та, во втората кариера како што самата вели, по незгодата кога беше нападната и прободена со нож при грабеж на нејзиниот дом во Чешка, во декември 2016 година. Квитова мораше да издржи повеќечасовна операција на повредената лева рака (дланка) со која игра и потоа да паузира половина година.

– Ова многу ми значи, за ова тренирав напорно. Конечно повторно сум во финале на гранслем-турнир. Сакам да играм финалиња на големи турнири и што и да се случи, каков и да биде резултатот тоа нема да ја помати мојата среќа – изјави Квитова, која е првата чешка тенисерка финалистка во Мелбурн, по Јана Новотна во 1991 година.
Победничката во големото финале ќе ја замени Романката Симоне Халеп на првата позиција на светската ВТА ранг-листа. Осака моментално е четврта, а Квитова шеста.