Алкалоид, рангиран прв пред почетокот на Европскиот клупски куп во шах, го совлада белгиски Ешикер Мосан, со 5-1, а победија и руски Медни Всадник, чешки АВЕ Нови Бор, италијански Обиетиво Падова итн.

Актуелниот македонски првак и европски шаховски шампион од 2016 година, Алкалоид (просечен рејтинг 2.701 поени, рангиран прв пред турнирот), успешно го почна годинашниот Европски клупски куп (ЕКК) во Улцињ, Црна Гора. Тој во првото коло, со победите на Сем Шанкланд, Јури Криворучко, Владислав Ковалев и Трајко Недев, убедливо со 5-1 го совлада белгискиот претставник Ешикер Мосан (2.319, рангиран 34-ти). Сепак, сериозниот пристап и борбеноста на противниците им донесоа две реми-партии, против Дмитри Андрејкин на првата и Ернесто Инаркиев на четвртата табла. Во целина, искуството и повисоката шаховска класа беа доволни за победа, со што шахистите на Алкалоид ја оправдаа улогата на фаворити во овој меч.

Во конкуренција на 66 екипи (се игра на шест табли), следен противник на Алкалоид е австриски Раика Феферниц (2.448, рангиран 17-ти). Првото коло, од предвидените седум, помина без изненадувања, сите конкуренти за највисок пласман, како што се руски Медни Всадник, чешки АВЕ Нови Бор, италијански Обиетиво Падова, остварија победи, а три екипи впишаа максимални победи, со по 6-0.

Шахистките на македонскиот претставник Гамбит Асеко СЕЕ (2.222, рангирани 11), во првото коло на ЕКК загубија со 1-3 од силната руска екипа Угра (2.440, рангирана четврта). Единствено Викторија Бухтеева на четвртата табла освои цел поен, а загубија Нурѓул Селимова, Белослава Крстева и Сандра Ѓукиќ, од кои последната беше блиску до реми, но недостигот од време и непрецизниот маневар со кралицата ја чинеа пораз. Во второто коло Гамбит Асеко СЕЕ ќе ги одмери силите со израелскиот претставник Хертзалија (1.958, рангиран 14-ти).