Здравко Дејановиќ утре патува за Катманду, Непал од каде што тргнува во напад на третиот по височина светски врв, Кангченџунга (8.586 метри)

Македонскиот планинар и алпинист, Здравко Дејановиќ е пред нов предизвик. Тоа е искачувањето на третиот по височина хималајски врв, Кангченџунга (8.586 метри). Претходно Дејановиќ искачи три хималајски врва, највисокиот, Монт Еверест (8.848 метри) во 2010 година, на вториот по височина, К2 (8.611) во 2014-та и Анапурна 1 (8.091) во 2015 година, кој е со најголем процент на смртност при искачувањата. – Завршени се сите неопходни логистички работи, парите легнаа на мојата сметка и утре летам за Катманду, Непал.

Оттаму ќе следува неколкудневното патешествие до базниот логор каде што ќе треба да ѝ се приклучам на една 10-члена национално-мешовита експедиција. И сега одам и ќе се качувам соло, без помош на шерпаси и без боци со кислород. Ако сѐ се одвива според планираното и доколку временските услови бидат поволни на врвот би биле кон средината на мај. Психофизички одлично се чувствувам, претходните искуства ми се од непроценливо значење, знам што ме чека таму, но јас сум подготвен за една ваква експедиција. Хималаите, височините и врвовите, почнаа да ми недостигаат, многу ѝ се радувам на повторната средба – вели Дејановиќ, кој по искачувањето на Кангченџунга, сака да се обиде да го искачи и четвртиот по височина хималајски врв, Лоце (8.516 метри).

Врвот Кангченџунга (8.586 метри) спаѓа во т.н. елитна категорија, покрај К2 и Анапурна 1. Првото искачување на Кангченџунга се случило на 25 мај 1955 година, и оттогаш во минатите 50 и повеќе години го искачиле околу 200 планинари/алпинисти. Новата хималајска авантура Дејановиќ ќе го чини 20.000 евра, пари што ги обезбедија Федерацијата за планинарски спортови на Македонија, Агенцијата за млади и за спорт и неколку спонзори.