Доскорешниот, повеќедеценски тренер и селектор Иван Лесевски од 1 октомври е во пензија, но и понатаму ќе биде активен и ќе помага, а измени има и во составот на репрезентацијата

Традиционално, секоја година, во австрискиот зимски центар Зелден, со велеслаломските трки во женска и во машка конкуренција, в сабота и в недела, почнува новата, 53-та сезона во Светскиот куп (СП) во алпско скијање. Македонија и македонското скијање ќе немаат натпреварувач(к)и во ова најпрестижно, најпопуларно и најквалитетно светско натпреварување од овој вид. Неколкутемина македонски скијачи главно ќе настапуваат на регионалните натпревари во соседните земји и на оние во рамките на Европскиот куп.

Подготовките (на снег) тие ги почнаа пред дваесетина и повеќе дена во „старата“ база на австрискиот глечер Хинтертукс. Таму под водство на тренерот Никола Панчевски на подготовки се трикратниот олимпиец, Антонио Ристевски, Виктор Петков и младиот Мирко Лазаревски. Доскорешниот, повеќедеценски тренер и селектор на македонските алпинци, Иван Лесевски од 1 октомври е во пензија, но и понатаму ќе биде активен и ќе помага.

– Цел живот сум во скијањето, не може прекуноќ сѐ да заврши и да кренам раце од сѐ. Мојата нова улога треба да се дефинира наскоро, на и по Собранието на Скијачката федерација на Македонија (СФМ) закажана за четврток. Како и да биде јас и понатаму ќе помагам во изготвувањето на плановите за подготовки, тренинзи и за многу други работи. Имам искуство, еланот за работа и понатаму постои и каква било задача да добијам максимално ќе се ангажирам – вели Лесевски.

Што се однесува поконкретно за текот на подготовките и за натпреварите во постолимписката година, Лесевски вели дека сезонава ќе биде помирно од лани, со помалку настани.

– Во моментов Ристевски, Петков и Лазаревски ја привршуваат втората фаза од подготовките во Хинтертукс што почна на осми и ќе потрае до утре, кога се враќаат во Македонија. По малата пауза, на втори или на 3 ноември повторно заминуваат на глечер, во Австрија, потоа и во Италија. Првите натпревари би требало да бидат во средината на декември. Не постои притисок за бркање норми и пласмани, а бројот и интензитетот на натпреварите ќе зависи од временските услови и слично. Главен настан во новата сезона ќе биде Светското првенство (СП) во Оре, во Шведска, во февруари и таму треба да настапат и скијачите од Македонија – рече Лесевски.
Лука Божиновски, кој живее и скија во Калгари, Канада, годинава го нема на подготовките во Австрија. Ја нема ниту младата Лидија Симјановска.

– Божиновски од годинава е на факултет во Калгари и помалку ќе скија во споредба со лани. Тој би требало да биде спремен за СП во Оре, но за понатаму не знам. Со Симјановска е нешто слично. Со вакви и слични проблеми постојано се соочуваме, и онака малата и скромна македонска скијачка база постојано се осипува и тука нема спас – објаснува Лесевски.

Што се однесува до скијачките натпревари во Македонија, како што стојат работите во моментов, мали се шансите за одржување на традиционалниот Шарпланински куп чие последно издание беше во 2013 година (првото беше во 1947 година).

– Шара-купот се чини дека ќе треба да почека на подобри денови. Она што е реално остварливо, покрај натпреварите за помладите категории, е одржување на Отворено првенство на Македонија во почетокот на февруари во Маврово. Таму би требало да профункционираат машините за вештачки снег и се надевам дека ќе имаме квалитетно натпреварување и во Македонија – рече Лесевски.