По кусо боледување, во четвртокот наутро, на 2 септември, во Скопје почина Васил Панов, поранешен македонски дипломат, генерален секретар на МАНУ и еден од великаните на поствоениот македонски шах.

Васил Панов е роден во Струмица на 29 јуни 1938 година. Дипломирал правни науки и работел како секретар на Филозофскиот факултет во Скопје, а потоа и на Универзитетот „Кирил и Методиј“. Шаховската кариера ја прекинал мошне рано кога имал 36 години поради потребата да му се посвети на семејството. Од 1974 година се префрлува во Министерството за надворешни работи и почнува дипломатска кариера како генерален конзул на СФРЈ во Торонто, Канада, а неколку години подоцна и во Перт, Западна Австралија. По враќањето во Македонија, работел како генерален секретар на МАНУ во периодот од 1989 до 2000 година.

Како и повеќето негови современици, тој е самоук шахист, но изгради респектабилна кариера и во Македонија, но и во странство, каде што учествувал и победувал на турнири. Има освоено четири шампионски титули во Македонија – во 1958, 1962, 1965 и во 1969 година. Двапати триумфирал на турнирот во Ла Специја, во Италија. Запаметен е како прв шаховски коментатор на РТС Скопје, а потоа бил кореспондент на весникот „Вечер“. Бил член на организацискиот одбор за шаховската Олимпијада во Скопје 1972 година, а во времето на нејзиното одржување и нејзин генерален секретар.