IN MEMORIAM

По долго боледување, на 59-годишна возраст почина Исмаил Мачев, рекордерот на Македонија во атлетика, на 200 метри (21,5 секунди) и на 400 метри (46,27), постигнати во почетокот од 80-тите години на минатиот век. Мачев беше член на скопски Работнички, потоа и на белградска Црвена звезда.

Има учествувано на сите поголеми меѓународни натпреварувања, на Медитеранските игри (освои сребро во Латакија, Сирија, во 1987 година), на европски и светски првенства, како и на Летните олимписки игри во 1988 година во Сеул. На Светското првенство во 1991 година во Токио, Мачев заедно со Слободан Бранковиќ, Дејан Јовковиќ и Ненад Ѓуровиќ трчаше во штафетата 4х400 метри за тогашна СФР Југославија и го освои четвртото место, со време од 2:59,95 минути.