Во Пјонгчанг видовме дека спортот може да го направи светот подобар. Ова се игри што отворија нови хоризонти, рече Томас Бах, претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК)

Нови хоризонти и подобар свет е главниот впечаток и најголема придобивка од Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пјонгчанг, Јужна Кореја, според зборовите на Томас Бах, претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
– Во Пјонгчанг видовме дека спортот може да го направи светот подобар. Ова се игри што отворија нови хоризонти – рече Бах.

За тоа дека Игрите во Пјонгчанг се Игри на нови хоризонти, зборува и фактот што на свечената церемонија за затворањето на Игрите во ложата беа високи претставници на многу земји, како претседателот на Јужна Кореја, Мун Јае-ин и заменик-претседателот на централната комисија на владејачката работничка партија на Северна Кореја Ким Јонг-чол.

– Игрите во Пјонгчанг завршија, но времето на мир ќе продолжи во Кореја, ќе продолжиме со нашите напори да ги прошириме хоризонтите на мирот што почна во Пјонгчанг – порача Мун.

Дваесет и третите Зимски олимписки игри ќе останат забележани по многу спортски дострели, а многу од нив беа постигнати од олимпијки. Една од ѕвездите на ЗОИ беше Естер Ледецка (22), која во Пјонгчанг се натпреваруваше во два различни спорта, алпско скијање и сноуборд, и во двата стигна до златни медали. Во два различни спорта (брзо лизгање и брзо лизгање на кратки патеки) се натпреваруваше и Холанѓанката Јориен Тер Морс и во двата се закити со медал (злато и бронза). Морс беше првата спортистка со медали во два спорта на едни ЗОИ, а Ледецка стана првата жена со олимписки титули во два спорта на едни ЗОИ и трета воопшто (заедно мажи и жени).

Норвежанката Марит Бјорген (37), пак, стана рекордерка по бројот на освоени медали (осум златни, четири сребрени и три бронзени) во историјата на ЗОИ. Таа го собори рекордот на својот сонародник Оле Еинар Бјорндален, кој има два помалку (8-4-1). Руската чест ја одбрани младата Алина Загитова (15), која беше доминантна меѓу девојките во уметничко лизгање и една од најмладите олимписки шампионки во историјата на ЗОИ.

Според зборовите на претседателот на организацискиот комитет на ИОК Хи Бом Ли, ЗОИ во Пјонгчанг ги следеле над 1,3 милион луѓе.
– Олимписките игри беа посетени од точно 1.336.326 гледачи. Беа продадени 1.075.995 билети, а најпосетен ден беше 17 февруари, кога на олимписките борилишта имаше 146.506 гледачи – рекол Ли.

Како и да е, Игрите во Пјонгчанг заслужија високи оцени и во сите аспекти – организација, безбедност, брзо и ефикасно справување со хакираниот систем, справувањето со ниските температури, силните ветрови како и навреме завршените и реализирани натпреварувања во сите дисциплини. Сѐ во духот на спортот и мирот, како што гласеше и пораката на свеченото отворање на Игрите во Пјонгчанг.