Повеќе од 40 милиони луѓе од целиот свет секојдневно тренираат џудо: Од вчерашната свеченост на ЏФМ Фото: Игор Бансколиев

На овој голем ден за џудото сакам да им порачам на сите џудисти и нивните тренери: „Не поставувајте си граници! Колку повеќе сонувате и се трудите да ги остварите соништата, толку поголеми височини ќе достигнете“, истакна претседателот на ЏФМ, Зељул Реџепи, на свеченото одбележување на Светскиот ден на џудото, 28 октомври

Салата „Македонско сонце“ во Скопје беше местото каде што вчера Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), џудо-клубовите од земјата, џудистите, тренерите, спортските работници и вљубениците во џудото, под мотото „Пријателство“, го одбележаа годинешниот Светски ден на џудото, 28 октомври, и роденденот на основачот на џудото, Џигоро Кано.

Ова е осма година во низа како Меѓународната џудо-федерација (ИЏФ) и ЏФМ го одбележуваат Светскиот ден на џудото, кој е еден од ретките спортови што претставуваат образовна алатка што им помага на луѓето да живеат заедно и да се почитуваат еден со друг.

– Пријателството е врата што ја отвора спортот. Затоа пријателството е темата со која осми пат го славиме Светскиот ден на џудото, воздигнувајќи го нашето пријателство на највисоко ниво и во чест на основачот на овој спорт, Џигоро Кано. Првата лекција во џудото е да научиш како да паѓаш. Ако не се плашиш од падови, тогаш си 100 отсто подготвен за предизвиците што доаѓаат. Победниците никогаш не се предаваат, а тие што се предаваат никогаш не победуваат – истакна претседател на ЏФМ, Зељул Реџепи, пред присутните гости на свеченото одбележување на Светскиот ден на џудото.

Темата „Пријателство“ е наследник на темите „Храброст“, „Џудо за светот“, „Единство“, „Чест“, „Упорност“, „Џудо за сите“ и „Почит“, кои изминатите години го одбележуваа денот на тренерите, џудистите и сите оние што ја чувствуваат пасијата кон еден од најпрактикуваните боречки спортови во светот.

По повод одбележувањето на Светскиот ден на џудото, ЏФМ во салата „Македонско сонце“ во Скопје организира настан на кој заеднички тренираа и ги демонстрираа своите вештини џудисти од повеќе македонски клубови.

Повеќе од 40 милиони луѓе од целиот свет секојдневно тренираат џудо. ЏФМ има повеќе од 200 национални федерации и пет континентални сојузи. Македонија има регистрирано 25 џудо-клуба, чии членови успешно ја претставуваат Македонија во европски и светски рамки.

– Џудото нѐ учи на карактер и негово зацврстување, нѐ учи да се бориме според правила, нѐ учи за чувствата што се различни кога победуваме и кога губиме. Нѐ подучува за животот, почитувањето, нѐ прави хумани. Златните медали не се од злато. Тие се составени од пот, посветеност и храброст, која ретко се наоѓа. Затоа на овој голем ден за џудото сакам да им порачам на сите џудисти и нивните тренери: „Не поставувајте си граници! Колку повеќе сонувате и се трудите да ги остварите соништата, толку поголеми височини ќе достигнете“ – порача претседателот Реџепи.
На пригодната свеченост, ЏФМ им врачи плакети на амбасадорите на Јапонија и на Русија, а благодарници, дипломи и признанија за заслуги и унапредување на џудото во Македонија примија поранешни и активни тренери и џудисти.

Претседателот на ЏФМ, Зељул Реџепи

 


Хамза Јашари ја обележи 2018 година

ЏФМ со свои претставници годинава беше активна на голем број натпреварувања во сите старосни категории, меѓу кои светски и европски првенства, еврокупови, балканијади и меѓународни турнири.
Младиот џудист и кадетски репрезентативец на Македонија од редовите на клубот Миоки од Скопје, Хамза Јашари (17), со своите резултати годинава успешно ја претстави Македонија на европската џудо-сцена, најавувајќи дека Македонија има џудисти за висок дострел.
Јашари освои трето место и бронзен медал на Европското првенство за кадети, одржано во јуни во Сараево (БиХ). Во рамките на Европскиот куп за кадети во Загреб (Хрватска), Јашари во март годинава се закити со злато, а еден месец претходно, на Европскиот куп во Италија, освои сребро. Годинава тој имаше 30 борби, во кои забележа 22 победи и осум порази (73,3 отсто успешност).
Покрај Јашари, успешен настап годинава имаа и џудистките Борјана Поп Атанасова и Лилјана Неданоска, кои на Балканското првенство за пионери во Црна Гора освоија златен, односно сребрен медал. Сениорската репрезентација на Македонија на Балканијадата во Кавадарци освои еден златен, пет сребрени и четири бронзени одличја.