Победникот Ангелче Петрушевски Фото: Маја Јаневска-Илиева

Втор беше Србинот Сретен Јевтиќ, а трет уште еден македонски претставник, Борче Мирчевски, кој го повтори успехот од 2015 и 2016 година

Младиот, 15-годишен Ангелче Петрушевски, член на кајакарскиот кану-клуб (ККК) Вардар од Велес, е победник на годинашниот 51. Илинденски кајак-слалом (ИКАС), што викендов се одржа на реката Треска, кај Матка. Втор беше Србинот Сретен Јевтиќ, а трет уште еден македонски претставник, Борче Мирчевски, кој го повтори успехот од 2015 и 2016 година, кога исто така беше третопласиран.

Петрушевски е најмладиот победник во полувековната историја на престижната трка на Треска, еден од најталентираните млади македонски, па и европски кајакари.

– Пресреќен сум, не ја очекував иако потајно ја посакував победата. Конкуренцијата беше силна, но јас успеав да ја минам патеката без да направам поголеми грешки што на крајот и вроди со успех – задоволно изјави Петрушевски, кој е во кајак-спортот од осумгодишна возраст.

Петрушевски веќе има забележано четири победи во Европскиот куп (ЕК) во конкуренција до 14 години. Тие успеси, како и триумфот на ИКАС, му ги отворија вратите и за настап во најсилната сениорска конкуренција. Прв следен натпревар на кој ќе настапи е Светскиот куп (СК), во мај во Липтовски Микулаш во Словачка, потоа и на Европското првенство (ЕП) во Пау, Франција, на почетокот од јуни итн.

– Петрушевски е вистински кајакарски дијамант, многу е талентиран и што е најбитно, многу е вреден, сака да тренира. Но, треба да се истакне дека тој е на почетокот на својата кариерата, допрва ќе наидува на многу пречки, секако ќе има падови и подеми, на патот до успеси во сениорска конкуренција. На мене, но и на другите што на кој било начин се околу него, стручно, логистички, останува да му помогнеме да го реализира големиот спортски потенцијал – вели неговиот тренер, еден од најдобрите македонски кајакари на сите времиња, Атанас Николовски, петкратниот победник на ИКАС, последен пат во 2014 година.

Во рамките на ИКАС се одржа и првото коло од Европскиот куп (ЕК) во спуст/ спринт. Најдобропласиран македонски претставник беше Љубомир Спасиќ, на шестото место. Првото место го освои Србинот, Сретен Биљиќ.

На 51. ИКАС настапија околу 100 кајакар/ки од 10 земји, Србија, Хрватска, БиХ, Словенија, Грција, Бугарија, Турција, Литванија, Норвешка и од Македонија.