Македонија е фаворит против Швајцарија и за мене ќе биде интересно да видам како одбојкарите ќе се однесуваат и како ќе одговорат на предизвикот, вели селекторот, Никола Матијашевиќ

Нема да ни биде лесно против Швајцарија иако според повеќе параметри тие се аутсајдерот во групата. Никако не смееме да ги потцениме, мораме да бидеме максимално сконцентрирани, мотивирани и за да победиме треба да одиграме на нивото од минатите два меча, против Унгарија и Украина. Македонија е во фаворитска улога на овој меч, не знам кога и дали воопшто во последно време била во таква ситуација и за мене ќе биде интересно да видам како одбојкарите ќе се однесуваат и како ќе одговорат на предизвикот, вели селекторот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Матијашевиќ пред вечерашниот меч (сала СРЦ „Кале“, 20.30 ч.), трет во групата Ф, во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2019 година, чија завршница ќе се одржи во четири земји, Франција, Холандија, Белгија и Словенија.

Македонија ја совлада Унгарија во 1-то коло во Будимпешта, со 3-2, а потоа загуби од Украина во Скопје со 2-3 во маратонски натпревари, кои траеја речиси пет часа (281 минута!). Тоа значи дека одморот и освежувањето на одбојкарите по големите напори, како и анализата на противникот, беа главните задачи на селекторот Матијашевиќ и на неговите соработници.

– Ги прегледавме снимките од настапите на Швајцарија против Украина и Унгарија. Првиот меч во Запорожје го загубија убедливо (0-3), веројатно беа уморни по долгиот пат, но против Унгарија дома одиграа добро и малку недостигаше да победат. Тие се најнеискусни, но технички се добро подготвени, играат најбрзо од сите репрезентации во групата, а сите конци ги влече нивниот техничар. За да ги победиме, во што јас верувам, треба да ги нападнеме со добри сервиси, но и соодветно да одговориме на нивните напади и да немаме поголеми осцилации во играта. Постои притисок да се добие мечот, тоа е и добро и лошо, мораме да се справуваме и со такви работи. Нашата форма е во нагорна линија, се надевам дека работата ќе ја завршиме во три, најмногу во четири сета, дека нема повторно да играме маратонски меч затоа што нѐ чека и долг пат на реваншот в недела во Швајцарија – истакна селекторот Матијашевиќ.

Во вториот меч од 3-то коло, вечерва (19 ч) во Запорожје, Украина ја пречекува Унгарија.