Филип Панчевски

Во 6-то коло на ЕП, шахистите со 2,5-1,5 ја совладаа Словачка, а шахистките вторпат ремизираа, овој пат со Швајцарија

Машката шаховска репрезентација на Македонија ја забележа втората победа на 22-то Европско првенство (ЕП) во Батуми, Грузија, во конкуренција на 40 репрезентации. Во 6-то коло совладана е Словачка со 2,5-1,5, благодарејќи на победата на ИМ Филип Панчевски (2.490) против ИМ Мартин Хајхебавер (2.481) на третата табла. ВМ Кирил Георгиев и ВМ Трајко Недев и ИМ Никола Николовски ремизираа.

На три кола до крајот на ЕП Македонија со шест бода (10 поени по табли) е на 21-то место. Во дербито на колото Русија ја совлада Украина со 2,5-1,5. Вчера во седмото коло Македонија играше со силната Шпанија (рангирана 6-та, Македонија пред ЕП беше 29-та). Води Русија со 11 бода, пред Германија со 10.

Шахистките на Македонија го впишаа второто реми, овој пат со посилната Швајцарија (пред ЕП рангирана на 27-то, а Македонија на 31-то место). Цел поен освоија Бојана Бејатовиќ на втората табла и ЖВМ Габриела Коскоска на четвртата, а загубија ЖФМ Моника Стојковска и Ивана Манова. На три кола до крајот Македонките се на 32-то, последно место со два бода (7,5 по табли), а вчера за ривалки ги имаа Финките (рангирани на 29-то место). На ЕП води Русија со 11 бода, пред Грузија со 10, Азербејџан девет итн.

Поединечно засега најдобар резултат кај македонските шахисти имаат Георгиев и Николовски со по 3,5 поени од пет односно шест партии, а кај шахистките Коскоска со три поени од шест партии. 


Четири бода до рекордните ЕП 2003 и 2007

Македонските шахисти најдобар екипен збир на бодови (седум) по 6-то коло досега имале на ЕП 2005, најмалку (два) на ЕП 2013, а трипати имале како и сега (шест), во 2001, 2003 и во 2007 година. Рекордот по завршување на ЕП е остварен на ЕП 2003 и 2007 со по 10 бода. Најмногу поединечни поени по табли (15), по 6-то коло впишале на ЕП 2003, најмалку (девет) во 1997 и во 2013, а ист број како и сега (10), на ЕП пред 10 години. Шахистките, пак, најмногу екипни бодови (по шест) по 6-то коло оствариле на ЕП 1997 и 2001, а најмалку на актуелното ЕП (два). Поединечно по табли, најмногу (девет) имале на ЕП пред 10 години. Од вкупно седумте досегашни настапи на Македонките, на првите четири ЕП, се играло на по две табли во меч.