Тој во борбата за третото место на ЕП го совлада Романецот Гоголоси, откако претходно имаше три победи и еден сомнителен пораз. Ова за него е четврти европски медал. За Македонија ова беше 15-ти трофеј од европските првенства, а од 2013 година, на седум ЕП македонските каратисти освоија осум медали. Павлов ќе настапи и на Европските игри, а со бронзата ќе има и значаен скок на листата за пласман на ЛОИ 2020

Каратистот во борби Емил Павлов (категорија до 60 кг) е единствениот од македонската репрезентација што се закити со медал, и тоа бронзен, на 54-то Европско првенство (ЕП) што викендов се одржа во шпанскиот град Гвадалахара. Тој во борбата за третото место го совлада романскиот претставник Флорин Гоголоси со 3-2, откако претходно имаше три победи и еден сомнителен пораз.

Штипјанецот Павлов, кој лани беше прогласен за најдобар спортист на Македонија, го освои својот четврти европски медал, втор бронзен по оној освоен на ЕП во Монпелје во 2016 година, а има и две злата, од континенталното првенство во Тампере во 2014-та и од Европското првенство во Нови Сад минатата година.

– Задоволен сум од мојот настап, имав пет борби, забележав четири победи и еден полуфинален пораз, во кој сметам дека бев оштетен од судиите, кои не ми дозволија да се најдам во финалето. Но таков е спортот, има и неправди со кои мора да се справувам, но истовремено тие и ме прават да бидам уште посилен за следните натпревари. Овој медал ќе ми донесе значајни поени за светската ранг-листа, со што ќе се доближам многу блиску до олимписката норма за Токио. Со медалот од Гвадалахара, пак, веќе обезбедив норма за Европските игри во Минск – ни изјави Павлов.

Павлов досега освои четири медали на ЕП

За Македонија ова беше 15-ти медал од европските првенства (по три злата и сребра и девет бронзи). Од 2007 година досега македонските каратисти само во 2012 година не освоија медал, а од 2013 година на седум европски првенства осум медали.

– Уште сега можам да кажам дека оваа 2019 година е успешна за македонското карате. Емил Павлов докажа дека е спортист број еден во нашата држава. Со бронзениот медал тој всушност обезбеди и настап на Европските игри во Минск, а и голем скок на светската ранг-листа за настап на Летните олимписки игри во Токио во 2020 година – ни изјави Сашко Арсовски, селекторот на репрезентацијата во борби.

Павлов моментно е на 10-то место, со 945 бода на ранг-листата за настап на Европските игри (ЕИ) годинава (21-30 јуни), а на ранг-листата за ЛОИ во Токио моментно е на 108-то, со 270 бода, но на априлската листа се очекува многу да напредува. Павлов и Мартин Несторовски на ЕИ во Баку во 2015 година освоија бронзени медали.

Од другите каратисти во борби, за обележување се настапите на Берат Јакупи (категорија до 84 кг) и Наташа Стефановска (до 61 кг), кои стигнаа до четврт-финалето, а каташката Пуликсенија Јованоска го освои петтото место, откако во дуелот за бронзениот медал загуби од Французинката Александра Ферачи, добивајќи 25,46 поени (17,78 плус 7,68), а ривалката 26,08 (18,34 и 7,74).

– Генерално сум задоволен од настапот на нашите каратисти. Машката сениорска репрезентација во борби ги совлада Израел и Данска, но загуби во четврт-финалето од Шпанија. Јакупи, исто така, загуби во четврт-финалето, а добар настап имаше и Стефановска со две победи на татамите – вели Арсовски.

[email protected]