Остануваат уште шест турнири во Премиер-лигата и ЕП, така што може уште многу да напредувам на олимписката листа, вели Павлов, кој сега е на 25-то место на олимписката листа, по првото место на турнирот во Премиер-лигата во Москва минатиот месец

Македонскиот каратист, двократен европски првак и носител на бронзен медал од Европските игри (ЕИ) во Баку, Емил Павлов, е сѐ поблиску до настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио следната година. Според актуелната ранг-листа за ноември во категоријата до 67 кг, тој е 25-ти со 2.092,5 бода, односно 1.020,5 повеќе во однос на августовската листа, со што напредуваше за 22 места (претходно беше на 47-то место).
Успехот најмногу се должи на освоеното првото место на турнирот во Премиер-лигата одржан во Москва минатиот месец. Се разбира, Павлов сѐ уште е далеку од првопласираниот, Казахстанецот Асадилов, кој има 7.042,5 бода, но затоа, пак, пред него се 7-8 натпреварувачи со од 100 до 400 бода повеќе (десеттиот има 3.142,5 бода), па со следните успешни настапи на татамите (турнири во Премиер-лигата, Серија А, а во 2020 година и уште едно ЕП, а тука е и квалификацискиот турнир во Париз), тие можат да бидат надминати.

– Секако дека сум задоволен од овој скок, но моја цел е да бидам што е можно погоре до крајот на циклусот, кој завршува во април. До крајот остануваат уште шест турнири во Премиер-лигата и Европското првенство, така што може уште многу да напредувам на олимписката листа – вели Павлов.
На ЛОИ 2020 ќе настапат по десет каратисти во секоја од трите категории во борби и по една во кати во обете конкуренции. Во Премиер-лигата, пак, Павлов моментно е осми со 1.440 бода, вкупно на светската листа е 10-ти со 9.426 бода, а води Бразилецот Даглас Бросе со 18.881 бод.

Од другите каратисти, Берат Јакупи (категорија над 75 кг), освои нови 120 бода и има 1.575, на листата е 34-ти (првопласираниот Угур Акташ од Турција има 7.417 бода), а Азис Исмаил (до 75 кг), остана на 607,5 бода и е 46-ти (прв е Бахман Асгари од Иран има 6.187,5 бода). Во женска конкуренција најдобропласираната Македонка на листата Наташа Стефановска (до 61 кг) е на 54-то место со 622,5 бода, каташката Пуликсенија Јованоска со нови 60 бода на листата е на 39-то место со 667,5 бода (води Сандра Санчес од Шпанија со импозантни 8.842 бода).

Реална можност да освои олимписка норма има и таеквондистот Дејан Георгиевски, кој моментно е 40-ти, а на светската падна за едно место и сега е 23-ти. На ЛОИ ќе настапат по 16 таеквондисти во секоја категорија.

Засега само натурализираниот македонски борач во слободен стил Магомедгаџи Нуров (категорија до 97 кг) e единствениот македонски спортист што успеа да обезбеди олимписка А-норма на ЛОИ 2020 во Токио. Тој ја обезбеди потребната норма на Светското првенство во Нур Сулатан (Казахстан), каде што го освои бронзениот медал. Претходно, последен кому му успеа да обезбеди олимписка А-норма беше кајакарот Атанас Николовски на ЛОИ 2008 во Пекинг.

Стрелачката Оливера Наковска-Бикова, пак, засега е единствената Македонка што има исполнета нормата за настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио во 2020 година. Тоа ѝ успеа на Светското првенство во Чеонгју (Јужна Кореја), во мај минатата година, во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 25 метри, каде што го освои бронзениот медал.