Павлов беше меѓу најдобрите и најекспонираните македонски гимнастичари во 60-тите години од минатиот век. Повредата го оддалечи од омилениот спорт, кој подоцна го замени со каратето и со мотоциклизмот

Во минатиот век, особено во годините по Втората светска војна, Кочани беше град во кој гимнастиката имаше посебно место во спортското живеење. Таа беше магнет за младите, кои секојдневно ја исполнуваа салата и ги извршуваа своите активности. Еден од оние што од пионерските денови почна да се занимава со гимнастиката беше Павле Павлов. Неговите почетни резултати најавуваа дека во него се крие голем талент.

Првите натпревари му ги донесоа првите спортски радости и покажаа дека на сцената зачекорува еден иден шампион. И навистина беше така – на првиот настап во конкуренција на пионери, таму некаде во1958 година од минатиот век, Павлов на републичкиот натпревар го освои второто место. Пред него беше, исто така, еден голем талент – Наковски, кој, за жал, не ги достигна оние резултати што многумина му ги прогнозираа. Павлов, пак, за разлика од многуте свои врсници, со кои почна да тренира, продолжи и стана препознатливо име во овој спорт, не само во Македонија, туку пошироко и во поранешна Југославија.

ПРВИ УЧИТЕЛИ – ГЛУМЕЦ И ГЕОМЕТАР

Неговите почетоци во гимнастиката беа многу интересни. Имено, главен виновник за определбата во овој спорт не беше никој друг, туку бате Киро или, пак, поубаво кажано Кирил Псалтиров, познатиот артист, кому покрај глумата, гимнастиката му беше втората голема љубов. Тој му беше првиот тренер и човек, кој, не само кај Павле туку и кај многу кочански деца, влијаеше да одат во овој базичен спорт за да имаат нормален развој уште од младешките години.
– На бате Киро најмногу треба да му се заблагодарам што долго време останав во гимнастиката. Иако тој не беше професор по физичко или, пак, тренер, сепак, неговиот ентузијазам просто нѐ тераше и ние да бидеме настојчиви во она што го работиме. Потоа, поминав во рацете на Јордан Манов, популарно наречен Јоцо. Интересно е дека и тој не беше тренер, но слично како Киро беше голем ентузијаст. Инаку, Јоцо по професија беше геометар, вљубен во гимнастиката. Нему не му беше тешко среде зима, кога студот притискаше од сите страни, да дојде рано уште во 4.30 часот за да ја потпали печката и колку-толку да ја затопли салата. Така, кога ќе пристигнев во салата со моите другари, таа беше затоплена. Атмосферата беше пријатна, а во воздухот се чувствуваше мирисот на чајот, кој веќе испаруваше од големото тенџере што кркореше на печката – вели Павлов.

Ова, според кажувањето на Павлов, бил највпечатливиот период од неговата кариера. За тие утрински доаѓања е поврзан и еден настан, кој „слатко“ го насмеал тренерот Јоцо и сите негови гимнастичари. Имено, гледајќи дека во салата е вклучено светлото двајца дежурни полицајци-позорникари (на времето ги имаше многу и тие беа како маалски чувари, кои на луѓето им даваа голема сигурност) влетале во салата мислејќи дека во неа има крадци.

– Откако влегоа, двајцата останаа вџашени не верувајќи во она што се случува. Секој од нас си ја изведуваше предвидената вежба. Тие останаа уште малку, за да се згреат и да се напијат од тукушто сварениот чај. Потоа заминаа и повеќе никогаш не влегуваа на препад во салата, кога рано наутро ќе го забележеа вклученото светло. Знаеја дека ние со чичко Јоцо тренираме и се подготвуваме за настапите што нѐ очекуваа – вели Павлов.

ДВАПАТИ СПОРТИСТ НА КОЧАНИ

Токму таквата настојчива работа му го отвори патот на Павле Павлов кон македонскиот гимнастички врв. Тој, по она второ место во почетокот од кариерата, веќе следната година станува пионерски првак, за во сите следни години прво како пионер, потоа како младинец и сениор да ги освојува републичките титули. Неговата кариера траеше повеќе од 10 години, а најмногу му лежеа разбојот и партерот.
– На овие две направи бележев високи пласмани и на првенствата на Југославија во младинска, а потоа и во сениорска конкуренција. Тогаш почнав сѐ повеќе да навлегувам во тајните на гимнастичкиот спорт, а имав голема чест да се најдам на списокот на олимписките надежи, што за еден млад гимнастичар беше голема привилегија. Благодарејќи на тоа што бев „сместен“ меѓу олимписките надежи имав можност да одам на заеднички подготовки со асовите како што беа Церар, Бродник и Штрот. Тренирав и со познатиот Марјан Коси, кој беше шампион на Југославија. Особено бев импресиониран кога на тренинзите во Љубљана ќе дојдеше и тренерот на сениорите Грегорка. Тој беше еден од најпознатите европски и светски тренерски имиња, кој имаше голема заслуга што Мирослав Церар стана олимписки и светски првак во вежба на коњ со рачки. Инаку, јас како олимписка надеж бев присутен на неколку собири во Љубљана и во Сараево – продолжува Павлов.

Во тие години кога гимнастиката цутеше во Југославија, на државните првенства не можеше да учествува кој сака, туку се одеше со норма. На републичките натпревари требаше да се добијат оценки, на пример повисоки од 9,00, па да се учествува на некоја од направите на шампионатите на поранешната држава.
– Јас неколкупати ја исполнував нормата и учествував на првенствата, но не успевав да стигнам до првиот репрезентативен состав. Конкуренцијата беше многу силна, Словенците беа неприкосновени речиси на сите направи. Сепак, успевав да се одржам, ако не на врвот барем близу него. Се сеќавам на еден шампионат на Југославија во Нови Сад кон крајот на 1960-тите години бев најблиску до елитните југословенски гимнастичари, но малку недостигаше да се пробијам во националниот тим – вели Павлов.

Павлов и неговите другари имаа интересни меѓународни настапи, а еден на кој најмногу се сеќава е дуелот со Гвардија од Варшава.
– Тоа беше убава спортско-пријателска средба на која можевме да ги измериме нашите квалитети и да видиме до каде сме стигнале, зашто Полјаците беа одлични гимнастичари. Токму овие средби како да ме одржуваа во живот. Тие ме стимулираа и јас и понатаму останував во гимнастиката – вели тој.
Кон крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите години, во силна конкуренција во која беа и борачите на Спартак, Павле Павлов двапати беше прогласуван и за спортист на годината на Кочани.

ТЕЖОК ПАД ОД ВРАТИЛО

Но судбината сакаше Павлов предвреме да се збогува од активното занимавање со гимнастиката. На еден натпревар во 1973 година имаше тежок пад од вратило, по кој веќе не беше способен да продолжи со тренинзите.
– Сакав да изведам салто со штрауба, но инерцијата ме однесе и директно со главата паднав на душеците. Тренерот, кој беше во улога на секундант, ништо не можеше да стори, сета акција се одвиваше со голема брзина, па така јас завршив во болница со гипс во целиот горен дел од телото и вратот. Неколку месеци поминував низ големи маки додека не се ослободив од гипсот. Знаев дека по ова паѓање е дојден крајот на мојата гимнастичка кариера – раскажува за немилиот настан Павлов.
Но Павлов и понатаму остана во гимнастиката како меѓународен судија. Така ги продолжи контактите со своите стари спортски пријатели. Меѓутоа, му недостигаа тренинзи, па откако виде дека гимнастиката е минато почна да се занимава со карате. Интересно е дека и овде, благодарејќи на својата настојчивост стигна до некое ниво. Сепак, откако виде дека во каратето не може да биде она што беше во гимнастиката се збогуваше од него, а немирниот спортски дух го одведе во еден друг спорт – мотоциклизмот.

– Моторите ме привлекуваа уште од младоста, па така тука ја продолжив својата активност. Но овде во овој спорт заедно со мене е вклучена и сопругата, со која заедно со познатите мотоциклисти од калибарот на популарниот Зрно, учествуваме на неколку европски релија. И тука имав многу доживувања, а од моторот не се одделувам и сега – вели Павлов.
Ете, таков беше спортскиот живот на еден од легендарните македонски гимнастичари Павле Павлов. Тој, благодарејќи на своите ангажмани и во Комисијата за ферплеј на МОК, уште има контакти со старите спортски пријатели, а во 2002 година му припадна честа да биде шеф на македонската делегација на Зимската олимпијада во Солт Лејк Сити.


ПАВЛЕ ПАВЛОВ

Роден: 1950 година во Кочани
Кариера: ДТВ Партизан Кочани и Скопје, репрезентативец на Македонија.
Успеси: Повеќекратен гимнастички првак на Македонија во сите категории од пионери до сениори, беше во потесниот избор на југословенската репрезентација на олимписките надежи. Подоцна стана познат меѓународен судија, а е вклучен во структурите на Гимнастичката федерација на Македонија.