Заработката на Осака е повисока за 34.725 долари од светската тенисерка број 1, Симона Халеп од Романија

Наоми Осака (21) од Јапонија, победничката на тенискиот гранслем-турнир во Њујорк во 2018-та, годинава ќе ја заврши со најголема заработка од турнирите меѓу колешките тенисерки. Заработката на Осака е 6.394.289 долари, што е повеќе за 34.725 долари од светската тенисерка број 1, победничката на францускиот Ролан Гарос, Симона Халеп од Романија.
Најмногу пари Осака заработи со триумфот во Њујорк, над Серена Вилијамс во септември, 3,8 млн. и за триумфот во Индијан Велс, 1,34 млн. долари. Аналитичарите проценуваат дека нејзината вкупна годишна заработка, надвор од тениските терени, од 1,5 милион може да порасне на повеќе од 15 милиони долари, од спонзорските и од комерцијалните зделки.

Халеп веројатно ќе беше на врвот на листата според заработката доколку не беше принудена да се повлече од минатонеделниот финален ВТА-турнир во Сингапур поради повредата на грбот. Петторангираната Осака ги доби гарантираните 150.000 долари во Сингапур, и покрај тоа што ги загуби двата меча во групата и потоа поради повреда се повлече од третиот натпревар против Холанѓанката Кики Бертенс.

Втора година по ред, само по третпат од 1972 година, на петте најголеми турнири победија пет различни тенисерки: Каролине Вознијацки (Австралија опен во Мелбурн), Симона Халеп (Ролан Гарос, Париз), Анжелик Кербер (Вимблдон, Лондон), Наоми Осака (САД Опен, Њујорк) и Елина Свитолина, (ВТА – финале, Сингапур).
Триесет и седум тенисерки заработија повеќе од еден милион долари, поединечно и во двојки заедно, а 28 заработија повеќе од еден милион долари во сингл. Четири инкасираа над еден милион долари само во двојки, со што тенискиот спорт го направија еден од ретките професионални спортови во кои жените можат добро да заработат и да имаат повеќе од пристоен живот.

Серена Вилијамс и Каролине Вознијацки се на врвот од листата на спортистки со најголема заработка годинава (податоци од јули 2017 до јули 2018-та), 18 односно 13 милиони долари. Серена годинава лансира своја модна линија, а има многу вносни спонзорски договори, како тој со „Најк“ итн. Вознијацки годинава победи во Мелбурн (3,1 млн. долари), но тие пари се минорни во споредба со тоа што го добива од „Адидас“, „Ролекс“ и од други спонзори.