На Европскиот клупски клуп (ЕКК) во шах, кој започнува утре во Струга, меѓу досега пријавените 38 екипи во машка конкуренција, од македонските претставници ќе настапат Алкалоид, Прилеп, Гостивар и младиот состав на Гамбит Асеко СЕЕ, додека во женска конкуренција меѓу осумте екипи се и шахистките на Алкалоид, МШК Центар и Куманово. Пристигнувањето на екипите е во текот на денешниот ден, а првото коло од предвидените седум, се игра утре од 15 часот.

Прв фаворит за титулата кај шахистите, поточно на отворениот турнир (се игра на шест табли по меч со најмногу две резерви), е скопски Алкалоид (просечен рејтинг од 2.713 поени на првите шест табли), кој во 2016 година во Нови Сад (Србија) успеа да триумфира во ова квавитетно натпреварување.

– Секако дека Алкалоид како прворангиран има големи шанси да го освои трофејот, но не помали шанси имаат и другите три екипи рангирани од второто до четвртото место. Мислам дека до крајот ќе биде неизвесно и мечевите во последното коло ќе го решат победникот. Детали ќе пресудат која екипа ќе го освои првото место, бидејќи нема голема разлика во квалитетот меѓу најсилните 3-4 екипи во Струга – вели ИМ Филип Панчевски од ШК Алкалоид.

Гамбит Асеко СЕЕ во Струга ќе настапи во видно изменет состав, односно повеќе ќе им даде шанса на младите и талентирани шахисти.

– Годинава направивме промена на генерациите. Најважно ќе ни биде младите и надежни шахисти Емил Ристески, Андреј Велјаноски и Антон Златков да го стекнат неопходното искуство за да во наредните години и го надминат осмото место, кое досега претставува и најдобар пласман на преходната генариција на клубот во ЕКК. Моментално младиот ИМ Никола Николовки ќе претставува лидер и како добар шаховски психолог ќе треба да ги води новите генарации „гамбитовци“ кон високи шаховски дострели. Ние, постарите шахисти, секако ќе им бидеме подршка во таа зацртана насока – појаснува искусниот ИМ Орце Данчевски од ШК Гамбит Асеко СЕЕ.

Кај дамите (се игра на по четири табли, со најмногу две резерви), најголем фаворит е Монте Карло (просечен рејтинг 2.513 поени). Во оваа конкуренција ќе настапат и македонските екипи Алкалоид, МШК Центар и Куманово.

– Ме радува фактотот што Алкалоид за прв пат на ЕКК ќе настапи и со женска екипа. На овој ЕКК и покрај тоа што има мал број на екипи, сепак не изостануваат врвните шахистки, што значи дека турнирот ќе биде многу силен. Земајки го во предвид фактот дека една екипа се гради долго време, очекувам да се бориме во рамки на нашиот рејтинг и да го оправдаме стартното четврто-рангирање, што воедно ќе претставува и успех за нас. Се` над тоа би било огромен успех и нормално, доколку имаме шанса i за повеќе, максимално би ја искористиле – оптимистка е ЖФМ Моника Стојковска од ШК Алкалоид.

Едно место подолу од Алкалоид е рангирана екипата на МШК Центар од Скопје, која исто така има свои планови на овој ЕКК во Струга.

– Екипното првенство е многу поразлично од поединечното, бидејки секоја победа или пораз влијае на конечниот резултат на екипата. Секако, сметам дека имаме големи шанси и верувам дека можеме да освоиме медал. Во нашиот состав постои хармонија и желба за победа, што се значајни фактори за успешно реализирање на нашата цел и поддршка што ни ја даваат нашите тренери, кои пак, силно веруваат во нас – вели младата шахистка на МШК Центар, Ивана Манова.

Ова е третпат како се одржува ЕКК во Македонија, по Охрид во 2009 и Скопје во 2015 година. Годинава машките екипи ќе играат во х. „Изгрев“, женските во х. „Дрим“, а новите клупски шампиони ќе бидат прогласени по седумте одиграни кола.

Г.И.