Преселбата во Сапоро, 800 км на север од Токио, ќе значи значително пониски температури за спортистите за време на Игрите, бидејќи во градот-домаќин на ЗОИ 1972 температурите во периодот за време на ЛОИ 2020 се пет до шест степени пониски во текот на денот отколку во Токио

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) објави дека планира да ги премести олимпискиот маратон и трките во брзо одење од Токио во Сапоро, градот-домаќин на Зимските олимписки игри во 1972 година. Преселбата во Хокаидо, најсеверната префектура на Јапонија, ќе значи значително пониски температури за спортистите за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година. Во Сапоро температурите во периодот за време на Игрите се пет до шест степени пониски во текот на денот отколку во Токио, кој е повеќе од 800 километри на југ од Сапоро.

Плановите се дел од широкиот спектар мерки што веќе ги преземаат организаторите на ЛОИ 2020 во консултација со ИОК и со меѓународните спортски федерации за да ги ублажат ефектите од температурите што може да се појават следното лето. ИОК ја извести Интернационалната атлетска федерација (ИААФ) за предложените измени.

Оваа најнова иницијатива од ИОК и организаторите на ЛОИ 2020 доаѓа по другите мерки, кои се веќе планирани и се спроведуваат по препораките на експертската работна група на ИОК за временските влијанија, како трките во атлетика на 5.000 м и повеќе да се одржат во вечерните сесии, а не во утринските, и придвижување на почетоците на маратоните и трките за брзо одење порано во денот, потоа во рагби сите утрински натпревари да завршат пред 12 часот, а во велосипедизам времето на почнување на трките со планински велосипеди да биде одложено до 15 часот.

Спроведувањето на иницијативата за преместување на маратонот и на брзото одење ќе биде дискутирано со сите засегнати страни, особено градот-домаќин Токио, заедно со ИААФ, националните олимписки комитети, олимписките радиодифузни сервиси и радиодифузери, кои имаат права за пренос. Топлината веќе беше земена предвид кога Токио ја претстави својата кандидатура во 2013 година, а оттогаш ИОК и Организацискиот комитет продолжија да ја следат ситуацијата. Предложените мерки и оние што веќе се усвоени, ги земаат предвид променливите услови, бидејќи ИОК продолжува да ги става здравјето и перформансите на спортистите во фокусот на неговото донесување одлуки, пишува на интернет-страницата на ИОК.