ЈОШКО МИЛЕНКОВСКИ (2)

Откако Работнички Фершпед почна да настапува во Купот на ЦЕВ, салата беше претесна да ги прими сите љубители на одбојката. Миленковски имаше импресивна кариера во Црна Гора, Тунис и во Турција. Со четири екипи беше учесник на четири фајналфор-турнири за Купот на ЦЕВ

Кариерата на најтрофејниот македонски тренер Јошко Миленковски може да се посматра од два аспекта – едниот е како играч, а вториот како одбојкарски тренер. За играчките моменти пишував во минатиот запис. Сега ќе се задржам на тренерскиот дел од неговата кариера, кој е исполнет со многу успеси, кои се постигнувани со екипи од четири земји, се разбира вбројувајќи ја тука и Македонија.
Миленковски, инаку, е многу интересна спортска личност. Тој уште како играч, кога настапуваше во прволигашот Вардар, имаше амбиции за тренерскиот занает. Затоа, паралелно со играњето не го запоставуваше учењето. Имаше амбиција во што пократок рок да го заврши факултетот, а потоа да магистрира и да докторира. Сите овие работи успеа навреме да ги среди, а што е интересно, додека ги подготвуваше магистратурата и докторската дисертација, тој веќе беше афирмиран тренер дури и селектор на репрезентацијата на Македонија.

СИТЕ ГО ПОСАКУВАА РАБОТНИЧКИ ФЕРШПЕД

Со тренерската работа Миленковски почна да се занимава во почетокот од 90-тите години на минатиот век. Во тоа време, се разбира во различни периоди, тој беше на кормилото на две екипи – Борец Универзал промет (едно време и Борец Маслодајна) и на Работнички Фершпед. Со велешаните тој успеа да освои еден куп, додека со скопјаните 15 пати триумфира во шампионатите на Македонија, а притоа освои и 12 купа. Со ваков биланс не знам дали може да се пофали некој друг наш тренер во кој и да е спорт.

– Работнички Фершпед во времето кога јас ја водев екипата беше еден од најорганизираните клубови во Македонија. Во него сакаа да дојдат сите квалитетни играчи, зашто знаеја оти тука ќе имаат најдобри услови за работа и за напредок. Не знам зошто, на некои луѓе, тоа им пречеше. Често слушав дека ние сме ги уништиле другите клубови, сме им ги зеле најдобрите играчи. Па, нормално е секој да тежнее за нешто поубаво и подобро – вели Миленковски.
Но ова да го оставиме настрана, и да се потсетиме на тие убави времиња, кои дојдоа особено во почетокот од овој век.

– Во домашниот шампионат додека Работнички не ја создаде онаа квалитетна разлика во однос на другите екипи имаше многу интересни дуели. Некои средби со екипите на Југохром, Струмица и на Вардар знаеја да траат и по три часа. Тие беа, не само квалитетни, туку полни со пресврти и возбудувања. Сепак, она што беше најпривлечно за нас и за љубителите на одбојката беа настапите на меѓународната сцена, кои зачестија во првите години од овој век. Работнички беше постојан учесник во Топ-тимс купот, кој подоцна го смени името во Куп на ЦЕВ (Европската одбојкарска федерација). Се сеќавам, во 2003 и во 2004 година одигравме дури десет меѓународни куп-натпревари, а доживеавме само еден пораз. Овие резултати ги разгалија гледачите. Тие ја полнеа салата и нѐ бодреа, за на крајот сето тоа да се претвори во вистинска одбојкарска еуфорија. Се сеќавам, пред четвртфиналниот дуел со Омнивуд во Купот на ЦЕВ, ние бевме во хотелот „Панорама“ на Водно, кога на пет часа пред средбата ми се јави тренерот на девојките Пеица, кои имаа натпревар во предигра на нашиот меч, и ми рече дека е ова лудница, салата веќе е исполнета. Кога дојдовме, што ќе видиме, полна сала, а надвор уште толку гледачи, кои на видеобим можеа да го следат натпреварот. Тоа за одбојкарските околности беше нешто неверојатно – заклучува Миленковски.

СО ЧЕТИРИ ЕКИПИ НА ЧЕТИРИ ФАЈНАЛФОР-ТУРНИРИ

Меѓутоа, во клупската историја на Работнички Фершпед со посебен акцент ќе биде запишана 2006 година. Тогаш скопјаните, во чии редови настапуваа познатите одбојкарски имиња Ристоски, Модев, Митев, Наскоски, браќата Стевовски, Јановиќ, го освоија Трофејот на Белград, што претставуваше голем успех. Тоа беше времето кога пред Работнички паѓаа клупски величини какви што беа Левски, ЦСКА, Марек и другите екипи од опкружувањето.

– Сепак, од сите тие настани незаборавно ќе остане првото наше учество во фајналфорот за Купот на ЦЕВ во Модена, Италија. На овој финален настап му претходеше квалификацискиот дуел со украинскиот шампион Маринопол, кого успеавме да го елиминираме. Тоа за некои беше изненадување, но за нас не, бидејќи верувавме во себе и во сопствените сили. Во Модена, објективно не можевме да очекуваме нешто повеќе и во конкуренција на Блед, Искра и домаќинот Модена, бевме четврти. Тоа за мене беше прво, а подоцна имав уште три вакви искуства. Откако заврши мојата 15-годишна соработка со Работнички, тежнеејќи за нови предизвици заминав за Црна Гора во екипата на Будванска Ривиера. И со оваа екипа, откако го добивме челенџот со лутиот ривал Будуќност од Подгорица, стигнав до фајналфорот на Купот на ЦЕВ. Ова беше прв настап на будванците на еден ваков натпревар, што во црногорскиот печат беше окарактеризирано како подвиг не само на будванскиот, туку на црногорскиот спорт. Фајналфорот се играше во Рим. Ние со една победа над рускиот претставник на крајот бевме трети – вели тој.
Но тука не завршија настапите на Јошко на големата меѓународна сцена. Тој ја продолжи кариерата во туниски Сфакс со кој стигна до второто место во арапската лига. Во финалето во Ријад, загуби од шампионот на Саудиска Арабија Ал Ахли. Но по овој настап на кој многу му пораснаа акциите, Миленковски се пресели во главниот град на Турција, Анкара во екипата Мали Мили Пијанго.

– Турската лига беше, а и денес е една од најсилните во Европа, бидејќи во неа настапуваат многу странски играчи, а тука се и светски познатите тренери како Видете и Барболини. Токму тој квалитет на лигата ме привлече и мене да дојдам во Анкара. Со Пијанго успеав да учествувам на мојот трет фајналфор во сезоната 2013/2014. Тогаш во екипата го имав и нашиот интернационалец Никола Ѓоргиев. По успешните сезони со тимот од Анкара ми беше укажана чест да застанам на кормилото на репрезентацијата на Турција. Тоа за мене беше големо признание, но од клупската работа не сакав да се откажам. Затоа ја прифатив понудата на Зираат банк и паралелно со селекторската функција бев тренер на оваа екипа, зад која стоеше силен спонзор. Со Зираат банк стигнав до четвртото мое учество на фајналфор-турнирот и до највисокиот пласман. По победата над рускиот Белгород, кој беше и европски првак, го освоивме второто место во Купот на ЦЕВ – продолжи Миленковски.
Миленковски, иако беше во Турција, не ги прекина контактите со тунискиот Сфакс и откако заврши турскиот шампионат, пролетва „тркна“ до Тунис да му помогне на својот поранешен клуб во разигрувањето за титулата.

ТРЕНЕР И СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНИЈА

Јошко Миленковски ја имаше таа можност, заедно со својот ментор Димитар Циев, да ја предводи првата наша одбојкарска репрезентација по осамостојувањето.
– Јас бев тренер, Циев селектор. Се сеќавам на првите настапи и оние две средби со Австрија, кога извојувавме две победи со 3-0 и со 3-1. Особено бев среќен по победата во Виена. Уште во тие први дуели покажавме оти имаме квалитет и нема да бидеме лесен залак за секој противник. Интересно е дека одбојкарите беа првите од македонските спортски селекции, кои во официјален квалификациски натпревар за Европското првенство се сретнаа со нашите соседи СР Југославија и со Грција. Тоа беа возбудливи моменти, кои никогаш нема да ги заборавам. Верувам дека сите љубители, не само на одбојката, туку и на спортот во Македонија, се сеќаваат на непријатностите пред мечот со Грција, кога во знак на револт поради негирање на нашите национални обележја професорот Циев ја напушти селекторската позиција. Така, јас одеднаш се најдов во небрано и за да ја спасам ситуацијата го водев нашиот тим на тој тензичен меч во Александрополис, кој го загубивме со 0-3. Потоа од таа 1995 година цели десет години бев селектор на македонскиот сениорски тим. Тогаш од Б влеговме во дивизијата А. Бевме меѓу 16-те европски репрезентации, но, за жал, не успеавме да се пласираме во завршницата на ЕП во која, тогаш настапуваа само 12 селекции. Да беше бројката на учесници поголема како што е сега, сигурен сум дека ќе бевме учесници на ЕП – вели Миленковски.

Со репрезентацијата на Македонија, Јошко Миленковски го имаше првото селекторско искуство, за неколку години подоцна да застане на чело и на репрезентацијата на Турција. Факт е дека тој се издигна до тренерските височини и многу екипи го посакуваат во својата средина. Миленковски создаде сопствен имиџ и успева преку својата афирмација, како вистински амбасадор на спортски план, да ја афирмира и нашата држава.