Селекторот Матијашевиќ со репрезентативците

Планирано е репрезентативците од крајот на мај еден месец да тренираат во Скопје, а по тринеделната пауза, од средината на јули до ЕП во септември, уште и во Маврово, Скопје (најавен е и силен турнир), Австрија (тест-мечеви) и во Љубљана

Нѐ очекуваат долги, напорни и се надевам успешни подготовки за деби-настапот на Македонија на Европското првенство (ЕП) во Словенија. Првиот собир на репрезентативците е планиран за крајот на мај во Скопје, каде што би требало да тренираме околу еден месец, ни изјави селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ, во телефонскиот разговор од Франција, каде што е тренер на Рен.

Матијашевиќ најавува дека на подготовките ќе бидат повикани дваесетина одбојкари.
– На подготовките ќе бидат оние што успешно ги поминаа квалификациите за ЕП и неколкумина што од различни причини беа надвор од репрезентацијата во ланската кампања. Во првата фаза ќе ги направиме неопходните медицинско-физички тестирања, мерења и слично за да утврдиме во каква состојба се одбојкарите и да знаеме што и како да продолжиме. Но ќе се работи и на некои техничко-тактички финеси, како и на подобрување на физичката подготвеност, за што сме во потрага по кондициски тренер, од Франција, Италија или од Словенија – вели Матијашевиќ.

Македонија годинава нема да настапи во Европската „сребрена“ лига, во која минатите години освои три втори места. Тоа значи дека првиот дел од подготовките во Скопје ќе помине без контролни натпревари, односно само ќе се тренира и ќе се играат спаринг-мечеви, меѓу себе. По првата скопска подготвителна фаза, одбојкарите ќе добијат тринеделен одмор, по што повторно ќе се соберат кон средината на јули.

– Втората фаза од подготовките ја почнуваме во Маврово, каде што ќе се тренира до почетокот на август, потоа повторно ќе се вратиме во Скопје, каде што ќе ни гостува Австрија со која ќе одиграме две контролни средби. Кон крајот на август е планирано во Скопје да се одржи и доста силен турнир, на кој, покрај Македонија, во начело, е договорено да настапат и селекциите на Бугарија, Белгија, Иран или Црна Гора.

Потоа, во почетокот од септември, на десетина дена пред ЕП, би требало да заминеме во Австрија, на завршни подготовки, и да одиграме уште неколку тренинг-меча со нивната репрезентација. Оттаму одиме за Љубљана, да ја почувствуваме салата „Стожице“, каде што ќе ги играме натпреварите во групата Ц, со Словенија, Русија, Турција, Финска и со Белорусија. Ќе биде напорно, но се надевам дека ќе го реализираме планираното, добро ќе се подготвиме и достојно ќе се претставиме на ЕП – вели Матијашевиќ.


 

ПЛАН НА ПОДГОТОВКИ
крајот на мај прв собир во Скопје
крајот на јуни крај на првата фаза
јуни-јули тринеделна пауза
средина на јули почеток на втора фаза, тренинзи во Маврово
почеток на август тренинзи во Скопје и мечеви во Австрија
крајот на август силен турнир во Скопје
почеток на септември тест-средби во Австрија
средина на септември настап на ЕП 2019 (мечеви во Љубљана)