Имаме шанси, имаме квалитетен состав, мислам дека сме добро подготвени, порачува капитенот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Ѓоргиев

Најдобрите одбојкари на Македонија вчера преку Љубљана заминаа за Виена, каде што деновиве со одигрувањето двa тест-меча со Австрија ќе ги заокружат подготовките пред деби-настапот на Европското првенство (ЕП) од 12 до 29 септември, првпат со 24 репрезентации.
– Горд сум на ова што го постигнаа овие 15-16 млади одбојкари. Пред седум-осум години си поставивме цел – пласман на ЕП, во што малкумина веруваа, тоа изгледаше како сон, но тој сон, еве, стана јаве. Се надевам и верувам дека нема да застанеме тука и оти ќе постигнуваме уште поголеми успеси во иднина – рече претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Петар Јовановски.

Македонските одбојкари имаа опсежни, напорни, речиси тримесечни подготовки, прво во Скопје, потоа во Маврово, па одново во Скопје. Беа одиграни и неколку контролни натпревари, со Романија и со Шведска, и потоа на силниот меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, на кој, покрај Македонија, настапија и Украина, Белгија и Бугарија, кои, исто така, ќе играат на ЕП.
– Трениравме многу и квалитетно, беше и напорно, особено петте недели во Маврово. Мислам дека сме добро подготвени и можете да очекувате добри вести од Словенија. Имаме шанси, имаме квалитетен искусен состав, за пет години игравме на пет фајнал-фора во Европската лига. Македонија ќе ја бара шансата против Финска, Белорусија и против Турција, Русија ја исклучувам, а против Словенија, која како домаќин секако е фаворит, но не е ништо посебно, очекувам одличен натпревар. Морам да признаам и дека на почетокот од подготовките по малку бев скептик, затоа што немавме одиграно ниту еден официјален меч од јануари годинава. Не бевме на посакуваното ниво ниту против Романија, Шведска, Украина, но победата над Бугарија многу нѐ крена на психолошки план и навистина ни помогна за враќање на разнишаната самодоверба – вели капитенот и играч број 1 Никола Ѓоргиев, кој досега одигра 111 натпревари за македонската репрезентација, од дебито во 2005 година.

Селекторот Никола Матијашевиќ истакна дека подготовките биле обемни и успешни во секој поглед.
– Подготвени сме 80, можеби 90 отсто, никогаш не можете да бидете сигурни во тоа, имавме многу проблеми со повредите. Но никогаш ниту една екипа или репрезентација не е 100 отсто подготвена, нема таква идеална ситуација. За Македонија клучен е мечот против Финска. Потоа на ред е Турција, против која не сме без шанси. Потоа ќе имаме два дена пауза, Русија ја прескокнувам, бидејќи реално немаме шанси, па играме со Белорусија и со Словенија. Можни се пријатни изненадувања. Не одиме во Словенија со „бело знаме“ – оптимист е Матијашевиќ.