Македонската шаховска сцена е побогата со активноста на уште еден шаховски клуб, Каменица Саса од Македонска Каменица. Уште повеќе радува фактот што тој е од источниот дел на Македонија, каде што моментно и не фигурираат многу шаховски клубови.

– Иницијативата за обновување на некогашниот клуб, но сега како нов субјект, ШК Каменица Саса, предизвика позитивни емоции кај вљубениците во играта на 64-те полиња, не само во нашиот град туку и пошироко во регионот. Да не заборавиме дека еден ШК Ленин од Кочани, ШК Ангел Винички од Виница, ШК Голак од Делчево, ШК Благој Јанков-Мучето од Струмица и многу други од овој регион веќе не се активни.

Сепак, ако сакаме и во иднина клубот да опстои и, патем, да имаме успех на натпреварувачки план, ќе биде потребно многу работа, а особено со најмладите членови – ни изјави Милан Гоцевски, еден од поискусните членови на овој клуб.

Иницијативата за формирањето на клубот започна лани, кога група ентузијасти добија идеја да го возобноват традиционалниот турнир, кој во Македонска Каменица се играл пред повеќе од 20 години. Клубот моментно има 49 шахисти сениори, 10 младинци, осум пионери и четири шахистки. Клубот, чиј претседател е Лазо Стаменковски, целосно е поддржан од општината Македонска Каменица, градоначалничката Соња Стаменкова и од рудникот „Саса“.