Франција и Хрватска од денеска до недела во Лил ќе се сретнат во финалето на тенискиот Дејвис-куп. Домаќинот ќе игра за 11-та титула, а гостинот за вториот трофеј

По фудбалското финале на Светското првенство во Русија во јули, репрезентации на Франција и на Хрватска викендов се среќаваат во нов меч за светска спортска титула. Од денеска до недела во Лил тие ќе играат во финалето на тенискиот Дејвис-куп, последно издание според стариот формат. Франција ќе игра за 11-та титула, а Хрватска за вториот трофеј.

Дејвис-купот се игра од 1900 година. Актуелниот формат со Светската група како најсилно ниво на натпреварување (16 репрезентации играат според нокаут-систем во текот на годината) в година ќе биде заменет со нов, во кој 18 репрезентации во ноември една недела и на едно место (во Мадрид) ќе играат за вредниот трофеј, популарно наречен „салатара“. Досега секој дуел се состоеше од четири поединечни меча и еден во двојки (до три добиени сета), а од следното издание ќе се играат два поединечни и еден меч во двојки (до два добиени сета).

Финалето на Дејвис-купот е синоним за тензични, драматични и тешки мечеви, а финалето годинава се очекува да биде еден од најнеизвесните во поновата историја. Досега 15 земји биле шампиони во Дејвис-купот. Најмногу трофеи имаат САД, 32, а потоа следуваат Австралија со 28, Велика Британија и Франција со по 10, Шведска има седум, Шпанија пет итн.