Новата сезона од трките во Формула 1 ќе почне на 17 март (недела) со големата награда на Австралија, а кој ќе го подигне славеничкиот пехар ќе биде познато по извозените 21 трка. Вкупно 20 пилоти во 10 тима ќе се обидат да остварат што повисоко место на финалната табела, а титулата ја брани петкратниот светски првак, Британецот Луис Хамилтон (2008, 2014, 2015, 2017, 2018 г.) со болидот на Мерцедес.

Одговорните луѓе на Формула 1 од година на година се обидуваат со одредени иновации да го направат најбрзиот циркус на тркала да биде уште подинамичен и попривлечен за љубителите на адреналинот, па за таа цел и годинава тие не изостанаа. Едно од новите правила е добивањето дополнителен бод за оној пилот, кој ќе успее да го извози најбрзиот круг на трката, за пилотите да добијат дополнителен мотив покрај оние бодови што ги освојуваат со самиот пласман, што би можело да има и решавачко влијание ако за шампионот се одлучува во последната трка.
Промената на правилата за 2019 година, кои ќе бидат темел за целосни промени во 2021-та, прави болидите да изгледаат забележително поинаку, со зголемена аеродинамичност, за да се подобрат шансите при претекнување. Така, на пример, новото задно крило е повисоко, пошироко, поедноставно за да може да се вози поблиску, со зголемување во височина (за 20 мм) и во широчина (за 100 мм).

Понатаму, болидите имаат две светла на задните крила (покрај традиционалното средно), за да се зголеми видливоста на болидот при лош и услови. Тука се и новиот штит на нова позиција, помал, помалку моќен и поаеродинамичен, со намалена височина (за 150 мм) и поместен напред (за 100 мм), појаки шлемови за зголемена сигурност, подобрена балистичка заштита и зголемена апсорпција на енергија, биометрички ракавици, на кои сензори ги надгледуваат пулсот на возачот и нивото на кислород во крвта во случај на судир, зголемен додаток на гориво (од 105 на 110 кг), кој овозможува моторот постојано да работи со целосна моќ. Тежината на возачот, пак, ќе се пресметува посебно од автомобилот, минималната (без гориво) се зголемува од 733 на 740 кг, додека најмалку 80 кг од тоа треба да се возачот, седиштето и возачката опрема и друго.

Покрај во Австралија, годинава ќе се вози и за големата награда на Бахреин (31 март), Кина (14 април), Азербејџан (28 април), Шпанија (13 мај), Монако (26 мај), Канада (9 јуни), Франција (23 јуни), Австрија (30 јуни), Велика Британија (14 јули), Германија (28 јули), Унгарија (4 август), Белгија (1 септември), Италија (8 септември), Сингапур (22 септември), Русија (29 септември), Јапонија (13 октомври), Мексико (27 октомври), САД (3 ноември), Бразил (17 ноември) и ОАЕ (1 декември).